Филмот „Мајка вештерка“ во официјалната селекција на Ротердамскиот филмски фестивал
- Филмот „Мајка вештерка“ на кипарскиот режисер Минос Папас, во чија копродукција учествува и македонската компанија „Фокус покус“, денеска ќе биде прикажан во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.
Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Филмот „Мајка вештерка“ на кипарскиот режисер Минос Папас, во чија копродукција учествува и македонската компанија „Фокус покус“, денеска ќе биде прикажан во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.
Приказната се одвива во 1882 година на Кипар и го следи животот на Елени - образована сликарка и мајка чиј свет се распаѓа кога нејзините три деца трагично ќе загинат во урнатините на стара црква. Прогонувана од селаните и сопствената болка, таа ги уништува своите дела и се повлекува во изолација, сè до појавата на Михалакис, чувствително момче, кое бега од насилството дома и се восхитува на нејзината уметност.
Но, желбата на Елени да си ги врати децата ја води кон таинствен и забранет ритуал вкоренет во локалниот фолклор. Како што се приближува Божиќ, ритуалот добива мрачен пресврт - потребна е крв за портретот што, верува таа, може да донесе воскресение. Ноќта кога Михалакис исчезнува, нешто древно се ослободува оставајќи ја приказната отворена за прашањето: може ли уметноста да го продолжи животот?
Инспириран од митологијата и фолклорот на Кипар, песочните предели и сончевите бојадисани куќи, Папас создава слоевита визуелна бајка, која ги спојува христијанството и паганството, болката и искупувањето.
Проектот е копродукција меѓу Кипар, Северна Македонија, Канада и САД, зад која стојат Константинос Никифору, Минос Папас и Дарко Попов / Caretta Films, Cyprian Films New York и Focus Pocus Films. ар/хс/
Фото: Постер