• Thursday, 12 February 2026

Средба на директорот на македонскиот КИЦ во Софија со двајца бугарски актери

Средба на директорот на македонскиот КИЦ во Софија со двајца бугарски актери

Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Директорот на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Зоран Пејковски, соопшти дека имал средба со бугарските актери Стефка Јанорова од Театарот на армијата и со Валентин Ганев од Народниот театар „Иван Вазов“ и дека со неа е потврдена клучната улога на институцијата во градењето на културната дипломатија како жив и динамичен процес.

Во допис до медиумите Пејковски посочува дека средбата отворила можности за идна соработка и размена, „во кои сценските истражувања, креативните визии и духовните вредности може да се испреплетат во заеднички проекти поттикнувајќи континуирана инспирација, зајакнување на меѓукултурните врски и создавање нови форми на културна комуникација“.

- Во просториите на македонскиот КИЦ имаше вистински чин на духовна размена, во кој уметноста се појави како универзален јазик, ослободен од граници, поделби и предрасуди. Средбата беше чин на длабоко препознавање меѓу уметници што сцената ја доживуваат како животна потреба. Таа се разви како емотивен, интелектуално и духовно промислен дијалог, во кој учесниците ги истражуваа смислата на сцената, улогата на актерот и природата на уметноста како форма на постоење и комуникација. Средбата исто така беше чин на зближување меѓу две културни и уметнички традиции, два јазика и два духовни света што се препознаваат во истата љубов кон уметноста - истакна Пејковски. хс/са/

Фото: Културно-информативен центар на РС Македонија во Софија