Монодрамата „Драми на принцезите - Џеки“ - премиера на Драмскиот театар Скопје
- „Драми на принцезите - Џеки“ е насловот на монодрамата на Драмскиот театар Скопје (ДТС), која премиерно ќе биде изведена в петок. Улогата на Џеки Кенеди ќе ја игра актерката Трајанка Илиева-Вељиќ. Монодрамата е дел од претставата „„Драми на принцезите“ по текст на Елфриде Јелинек, во режија на Жива Бизовичар, која ДТС премиерно ја изведе во 2024.
Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - „Драми на принцезите - Џеки“ е насловот на монодрамата на Драмскиот театар Скопје (ДТС), која премиерно ќе биде изведена в петок. Улогата на Џеки Кенеди ќе ја игра актерката Трајанка Илиева-Вељиќ. Монодрамата е дел од претставата „Драми на принцезите“ по текст на Елфриде Јелинек, во режија на Жива Бизовичар, која ДТС премиерно ја изведе во 2024.
Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, на прес-конференција денеска рече дека во консултација со словенечката режисерка решиле централниот дел од оваа претстава да го подготват во форма на монодрама и наместо на големата сцена, ќе се игра на малата сцена на театарот.
- За жал, иако претставата „Драми на принцезите“ имаше високи естетски критериуми, не успеа да заживее во полн сјај на сцената на Драмскиот театар. Беше одиграна десетина пати и немаше интерес за неа. Централното парче од оваа претстава е приказната за Џеки Кенеди и го игра Трајанка Илиева-Вељиќ. Во консултација со режисерката Бизовичар решивме тој дел да го играме во форма на монодрама - рече Вељаноски.
Смета дека ДТС има потреба и од вакви театарски форми и со монодрами да се претставува на сцените на театрите партнери што членуваат во Регионалната унија на театрите (РУТА). Посочи и дека оваа претстава е најевтината што ДТС ја продуцирал во изминатите години бидејќи веќе ги имаат потребните реквизити од претходната претстава.

Актерката Трајанка Илиева-Вељиќ, која ќе настапи во улогата на Џеки, рече дека и драматургот на претставата „Драми на принцезите“, Ник Жнидаршич, смета дека драматуршки е издржано да постои монодрама само за Џеки.
За самата приказна, Илиева-Вељиќ рече дека интересно ѝ е што авторката на текстот, Елфриде Јелинек, не раскажува за Џеки Кенеди документаристички и како за историска личност, туку повеќе за Џеки како мит, икона и слика и дека раскажува работи што биле потиснати.
- За сите работи за кои не смеела да говори Џеки Кенеди, за сите работи што биле скриени од неа и за сето тоа што била жената во тоа време. А Џеки е икона на поп-културата на 20 век, модна икона и инспирација на многу жени во светот, која успеала да направи многу работи за две години и десет месеци колку што била прва дама. Мене ми е фасцинантна нејзината слика на челична жена и покрај многуте духови со кои се борела. Авторката на текстот се навраќа фрагментарно, главно на три болни теми - атентатот, Мерилин Монро и загубата на децата на Џеки. Во последните мигови пред да замине од овој свет чувствува дека не е само нејзина болка, нејзина тага, туку е тага и болка на можеби сите жени во светот и дека тоа треба да биде јавно проговорено за секој да може да се пронајде во таа нејзина слика - рече Илиева-Вељиќ на прес-конференцијата.
Сценограф и автор на музиката за претставата е Јан Крмељ, костимограф е Александар Ношпал. хс/са/
Фото: МИА