• Thursday, 12 February 2026

Фестивалот „Охридско лето“ добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ 

Фестивалот „Охридско лето“ добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ 

Охрид, 11 февруари 2026 (МИА) – Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“, доделена на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул.

Со ова високо признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација уште еднаш се оправдува фестивалската репутација како центар на врвната уметност, со програма што ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.

-Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот  првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание  не  го доживувам како  личен успех, туку како  резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите  кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“- вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Цуцковски уште додава дека ваквите награди се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но  и да се даде  простор за најдобрите домашни уметници.

-Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно  концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните  институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“- вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски. аб/дма/

фото:НУ „Охридско лето“