• Tuesday, 16 July 2024

Промовирана анализа за членството во Струшката Библиотека во периодот 1952 – 2001 на Николина Велкоска-Глигороска

Промовирана анализа за членството во Струшката Библиотека во периодот 1952 – 2001 на Николина Велкоска-Глигороска

Струга, 16 јули 2024 (МИА) - Вкупно 43.400 членови биле запишани во Библиотеката во Струга во периодот од 1952 – 2001 година, покажува аналитичкото истражување на Николина Велкоска-Глигороска што синоќа беше промовирано во центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Целта на истражувањето насловено „Движење и категоризација на членството во јавната Библиотека при центарот за култура „Браќа Миладиновци“  во периодот 1952 – 2001“, според авторката, била да се добие целосна слика на бројот на повеќе категории читатели. Возрасни, деца од училишна и предучилишна возраст, студенти, вработени, невработени...

- Идејата за вакво исцрпно истражување за движење на бројот на членството доаѓа во соработка со мојот колега, доајен на македонското библиотекарство, Богомир Наумоски- библиотекар, советник и своевремено директор на Библиотеката и Центарот за култура, истакна за МИА, Велкоска-Глигороска.

Од вкупно запишаните 43.400 членови во периодот од 1952 заклучно со 2001 година, според неа, 22.401 биле деца до 14 години, додека 20.999 биле возрасни.

- Најголема бројка деца - членови до 14 години е регистрирана во 1963 година и изнесува 918, додека пак средношколци најмногу членувале во 1983 година и нивната бројка е 805. Најзаинтересирани во категоријата вработени има во 1961 година, и тоа 141, а најмногу невработени членови има во 2000 година, односно 25 лица, посочи Велкоска - Глигороска. 

Според авторката на истражувањето, пензионерите најмногубројни биле во 1999 година, со вкупно 19 членства. Студентите пак најбројни биле во 2000-тата година со 47 членства, а кај војниците бројот на членови бил најголем во 1956 и 1959 година по четири.

- Врз основа на целокупната анализа за вкупен број членови од 1952 година, заклучно со 2001 година, Библиотеката во Струга најголем број на членови имала во 1981 година, и тоа 1.445, а најмал број од 150 членови е регистриран во 1954 година, појасни Велкоска - Глигороска. сс/нд/

Фото: МИА

You May Also Like