Продолжи судењето за убиството на Вања и Панче, во судот прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати
- Во Основниот кривичен суд Скопје денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за убиството на Вања и Панче. Во судница беа прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати... Првообвинетиот Палевски, за денеска презентираните материјали, рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за убиството на Вања и Панче. Во судница беа прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати... Првообвинетиот Палевски, за денеска презентираните материјали, рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.
На предлог на Обвинителството на денешното рочиште беа изведени шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, каде се наоѓа материјал од безбедносните камери, што ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24-часовен надзор.
Во видео материјалите, најпрвин се гледа како лице влегува во дворот на Манев, а Обвинителството тврди дека е обвинетиот Боре Видевски, како што тврди, според видео снимките, дека подоцна во дворот дошле и обвинетите Влатко Кешишев и Љупчо Палевски.
- На видеото се забележува како Палевски и Видевски, но и Манев разговараат на микрофоните од радиостаница односно вршат тестирање дали истите функционираат. Забележливо е и дека Палевски на јакната има закачено микрофон, а истото го имаат и Манев и Видевски, посочо обвинителката при изведувањето на доказите.
Според забелешката на Обвинителството, на едно од видеата Палевски носел јакна што на ракавите има бели траки три, а исто така и обвинетиот Манев бил облечен во тренерка што на ракавите има три бели траки.
-Значајно е бидејќи на минатото рочиште имаше видеа од камерите на Романтик кај Велес, беше забележано дека две лица во возилата - по едно во цитроен и рено кангу, на своите ракави имаа бели траки, беше појаснето од страна на обвинителката.
Како што тврди Обвинителството, на едно од видеата, Велибор Манев излегол од дворот и се упатил пеш во правец кон Велес каде се наоѓала куќата на Панче. По Велибор и возилото рено кангу се упатило кон истиот правец кон Велес, каде се наоѓа куќата на оштетениот Панче.
Според видеата што беа презентирани, Обвинителството појаснува дека имало еден неуспешен обид за грабнување и убиство на Вања, на 24 ноември, кога на снимката имало и подавање, најверојатно на црни ракавици, а биле извадени и две лопати и други предмети, две кофи, вреќа за спиење.
Бранителот на Палевски, адвокатот Јовица Страшевски даде приговор за доказите и рече дека му е жал што не можел да реагира директно на снимките. Според него, се гледало препаркирање и движење на возила, без конкретни дејствија.
Палевски во судницата за денеска презентираните материјали рече дека се манипулирани и неверодостојни. Тој обвини за наметнување лажни докази.
Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
За двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. бд/аа/
Фото: МИА архива