• Saturday, 22 February 2025

Во Велес отворена изложбата „Балканска геометрија“  на Милош Милосављевиќ

Во Велес отворена изложбата „Балканска геометрија“  на Милош Милосављевиќ

Велес, 21 февруари 2025 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на академскиот ликовен уметник и професор Милош Милосављевиќ насловена „Балканска Геометрија“ на која се претставени 17 дела, масло на платно. Воедно во  другата просторија на салонот е изложено и едно негово поголемо дело, а надвор од оваа изложба, насловено „Светите воини“ кое исто тако привлече големо внимание кај велешката публика. Оваа негова слика е инспирирана од фреска од манастирот Манасије кој е задужбина на деспотот Стефан Лазаревиќ и се наоѓа во околина на градот Деспотовац во Србија, а на неа се преставени Светите воини: Свети Никита, Свети Нестор и Свети Арсениј.

Милош Милосављевиќ по втор пат е со самостојна изложба во Велес по првата која беше во 2008 година кога беше отворен новиот Ликовен салон во Велес.Тој искажа задоволство што салонот уште е во репрезентативна состојба што како што забележа, некој домаќински се грижи за него.

Милосављевиќ информира дека оваа во Велес е негова 16 самостојна изложба,а циклусот кој го претставува е насловен „Балканска геометрија“ поради тоа што во секоја слика како главен мотив се јавува ѕидот.

-Ѕидот како една метафора за процеси на дезинтеграции, за поделби, односно сите процеси коишто се присутни на Балканот, а кои ги живееме во последните 30 години, а јас ги обликувам естетски. Покрај ѕидот доминираат и силуети од куќи што се карактеристични за овое простори. Самите мотиви се мој бунт против сите процеси коишто ни се случуваат. Ќе приметите дека сите тие ѕидови формираат една ситуација како што е промаја, мочуриште контејнер, куќа на ветрометина, надградба, периферија. Сето тоа се метафори за процеси коишто ги живееме. На пример ние на некој начин самите се имаме поставено да бидеме периферија на ЕУ. Што се однесува на промаите се нешто што е најкарактеристично за овие простори. Промаја е еден од ретките зборови коишто немат превод на англиски јазик, а што значи дека само ние можеме да го разбереме, а при тоа никој од нас не сака да биде на промаја или на ветрометина, потенцира Милосављевиќ.

За неговата слика контејнер појасни дека е интересна приказната за неа и е настаната за време на пандемијата во 2020 година и самата слика е насловена контејнер 20:20 каде што сите се изолиравме и ставивме ѕидови, кои не ставија во карантин,во еден голем контејнер.

Тој појасни дека како што констатирал за него еден ликовен критичар, неговиот ликовен начин на изразување го има издефинирано како „површина на сршеното стакло“ .

-Има логика поради тоа што и на Балканот и на овие простори новата историја посебно во последните 30 години докажа дека имаме процеси да скршиме нешто што функционира па потоа да го лепиме, појасни Милосављевиќ.

Оваа изложба во октомври беше поставена во Универзитетската галерија во ректоратот во Ниш, во ноември во музејската галерија во Врање. На 10 јануари беше поставена на Универзитетската галерија Интернационален универзитет во Нови Пазар во Србија, на 5 февруари во Младински Културен Центар МКЦ во Скопје и сега во Велес кој е петти град од оваа изложба.

Милосављевиќ најави дека оваа изложба како вистинска „Балканска геометрија“  ќе биде претставена во март во Крушевац, во април во Крагујевац, во мај во Белград, во јули во Темишвар и во август во Солун. ад/дма/

Фото: МИА