Американскиот државен секретар избегна да каже дали му верува на Путин
- Запрашан дали му верува на Путин, тој одби директен одговор, наведувајќи дека „надворешната политика не се базира на доверба, туку на постапки“.
- Post By Сања Костовска
- 19:17, 14 March, 2025

Отава, 14 март 2025 (МИА) – Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во Канада изјави дека има „позитивна интеракција“ меѓу претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и рускиот претседател Владимир Путин за време на нивната средба во Москва.
Рубио нагласи дека откако Виткоф ќе се врати во Вашингтон, американскиот тим ќе ја анализира руската позиција и претседателот Доналд Трамп „ќе ги одреди следните чекори“.
– Мислам дека постои причина за внимателен оптимизам, но во исто време остануваме свесни дека ова е сложена ситуација, рече Рубио.
Запрашан дали му верува на Путин, тој одби директен одговор, наведувајќи дека „надворешната политика не се базира на доверба, туку на постапки“.
– Не можете само да кажете дека сакате мир, мора да го реализирате, и тоа важи за сите страни во секој конфликт, додаде тој.ссм/
фото: ЕПА