• Monday, 17 March 2025

Си-Ен-Ен: Трамп ја претвора Белата куќа во своја позлатена резиденција

Си-Ен-Ен: Трамп ја претвора Белата куќа во своја позлатена резиденција

Вашингтон, 16 март 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп започна со трансформација на Овалната соба во Белата куќа, додавајќи голем број златни украси, статуи и декоративни елементи, објави Си-Ен-Ен.

Според американската телевизиска мрежа, само осум недели по враќањето во Белата куќа, Трамп тројно го зголемил бројот на слики во Овалната соба, додека полиците, камините и масите се преполни со златни орнаменти.

Верен на својот раскошен стил, Трамп поставил нови позлатени фигурини на каминската полица, златни орли на масите, рококо огледала, а дури и далечинскиот управувач за телевизорот е обложен со златен финиш.

Два извори за Си-Ен-Ен изјавиле дека Трамп дури размислувал да постави лустер во Овалната соба, но дека малку е веројатно оваа идеја да биде реализирана.

Според медиумите, Белата куќа сè повеќе добива изглед сличен на луксузниот имот на Трамп во Флорида – Мар-а-Лаго.

Наредните месеци се очекува преуредување на градината со ружи, каде Трамп планира да ги замени тревниците со поплочени површини за седење, инспирирани од неговата приватна резиденција.

Покрај ова, претседателот најавил и изградба на нова сала за државни вечери на јужниот тревник, според моделот на Мар-а-Лаго, која пак е инспирирана од познатата Сала на огледала во Версај.

Трамп одамна тврди дека самиот ќе ја финансира изградбата, а дури ја понудил оваа идеја уште за време на администрацијата на Барак Обама.

Трамп е познат по тоа што сака да биде опкружен со трофеи, уметнички дела и сувенири. Во својата канцеларија на 26-тиот кат од Трамп кулата, тој ги изложувал личните колекции – од ретки предмети до врамени фотографии и насловни страници на списанија.

Сличен пристап применува и во Овалниот кабинет, каде што веќе поставил околу 20 портрети на поранешни американски претседатели и државници кои ги почитува, меѓу кои Роналд Реган и Џорџ Вашингтон. ссм/

фото: ЕПА