Ќе се конзервира средновековната кула Пирго на планината Беласица
- Кулата Пирго, на локација над селото Мокриево на планината Беласица, се договара да се конзервира во јуни годинава, како и просторот околу неа.

Ново Село, 20 февруари 2025 (МИА) - Кулата Пирго, на локација над селото Мокриево на планината Беласица, се договара да се конзервира во јуни годинава, како и просторот околу неа.
Ова го соопшти градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, по денешната посета на ова локација заедно со стручњаци од Завод и музеј Струмица.
-Овој потег на реконструкција на славната кула Пирго е остварување на идејата на повеќе генерации, затоа што постоеле повеќе иницијативи и петиции на многу жители и иселеници од овој крај, се наведува во соопштението од градоначалникот на Ново Село.
Според Божинов, основниот проект е финансиран од Општината, а конзервацијата ќе се врши со обезбедени средства од Министерството за култура и туризам.
Местото Пирго се спомнува во легендите и се памети во историјата како славно историско место особено во контекст на времето на Цар Самуил и битката на Беласица. Времето на комитопулите Давид, Арон, Мојсеј и нивниот брат Цар Самууил е средниот век на Македонија кога оваа кула била во својот автентичен изглед и функција.
Инаку Пирго е позната локација каде, особено на пролет и во лето, месното население и многу гости често прават излети и се организират настани.рт/са/
Фото: Општина Ново Село