• Friday, 21 February 2025

Во Битола одбележани 80 години македонски Црвен крст

Во Битола одбележани 80 години македонски Црвен крст

Битола, 21 февруари 2025 (МИА) - Општинската организација на Црвен крст-Битола синоќа со свечена академија и со доделување на награди и признанија на институции и поединци, го одбележа јубилејот 80 годни македонски Црвен крст.

Свеченоста во Битола е дел од серијалот јубилејни манифестации и активности што ќе се заокружат на 18 март кога во Скопје ќе се одржи централната прослава, истакна генералниот секретар на Црвен крст на Северна Македонија, Саит Саити.

-Многу луѓе, многу чинители, многу фактори придонесоа за ликот на Црвен крст денеска. Големиот јубилеј го одбележуваме со посети на општините затоа што сметаме дека придонесот на локалните самоуправи и нивната поддршка за нас се големи. Битола е град на хуманитарците, на хуманите луѓе но и на една од најдобрите општински организации на Црвениот крст, истакна Саити на синоќешната свеченост во Битола.

Во знак на благодарност за сестраната поддршка на локалната самоуправа и градоначалникот Тони Коњановски, генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, Саит Саити на Општина Битола и додели посебна плакета и благодарница.

-Минатата година со битолскиот Црвен крст помагавме на многу начини, а во рами на проектите за поддршка на лицата со попреченост овозможивме обука на 10 лични асистенти, поднесовме заедничка апликација за капитални инвестиции која е насочена кон изградба на дневен центар за стари лица со активно стареење, едно од најзначајните хуманитарни дела беше и крводарителската акција во Општина Битола, а со конкретни иницијативи ќе продолжиме за подобрување на социјалната заштита и ќе ја промовираме солидарноста и хуманоста за ранлиците категории, посочи градоначалникот Тони Коњановски на синоќешната свеченост во Битола.

Според претседателката на ОО на Црвен крст-Битола, Лилјана Ристевска, локалните самоуправи претставуваат посебен партнер во работата на организацијата и поддржувачи на мисијата на Црвениот крст.

-Нема успешна приказна и соработка без поддршка од општините, а ако тоа не беше ние не ќе можевме да ги реализираме проектините активности и да ги развиваме сервисните услуги што се неопходни за граѓаните. Потребата од Црвениот крст во градот и државата е се поголема и затоа ние секојдневно со нашите волонтери помагагаме на локалното население, истакна Ристевска.

Свеченото одбележување на 80 години македонски Црвен крст се одржа под мотото „80 години ние гледаме луѓе“.мт/са/

Фото: МИА