• Saturday, 22 February 2025

Во тек е уписот за курсот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

Во тек е уписот за курсот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

Дебар, 21 февруари 2025 (МИА) - Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана  продолжува со организирање  курс по македонски јазик, како изборен предмет. За таа цел факултетот вчера објави оглас, на кој, до 28-ми овој месец ќе може да се пријават сите заинтересирани студени.

-Во рамки на соработката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, Северна Македонија ве информираме дека во тек е уписот за македонски јазик, како вон наставен предмет, стои во објавата на факултетот.

Се додава дека курсевите се бесплатни за сите студенти на Универзитетот во Тирана, а наставата ќе ја изведува Славица Свидерска, професор од универзитет во Скопје.

На крајот на курсот, сите студенти ќе добијат сертификат за соодветно стекнато ниво на познавање на македонскиот јазик, а добиените кредити ќе бидат внесени во додатен документ со дипломата.

-Вон наставните програми за странски јазици се иновација и можности повеќе за студентите на Универзитетот во Тирана и имаат за цел да обезбедат богато и совршено искуство за сите вас кои сакате да го продлабочите своето јазично знаење и култура, се наведува во објавата.

Пријавувањето од понеделник до четврток е од 8:30 до16:30 и во петок од 8:30 до 14 часот во Факултетот за странски јазици или на електронска адреса qendra.gjuhevetehuaja@unitir.edu.al, а информации може да се добијат и на телефонскиот број  +355 4 2452610.

Курс по македонски јазик првпат беше организиран на почетокот на минатата година, кого успешно го завршија над 20 студенти. вт/вј/

Фото: Принтскрин