Холандија: Одлуките во следните недели ќе ја обликуваат следната деценија
- - Тој ќе продолжи со агресивни, офанзивни напори за зголемување на влијанието и територијата на Руската Империја, во насока на својата визија за обновување на 'Рускиот свет'. Тоа е сон за Путин, а кошмар за остатокот од Европа, рече Брекелманс
- Post By Сања Костовска
- 18:19, 11 March, 2025

Париз, 11 март 2025 (МИА) - Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс изјави дека Украина не смее да прифати договор што би можел да доведе до нова војна во иднина. Тој истакна дека чекорите што ќе бидат преземени во следните денови и недели ќе бидат одлучувачки за наредните пет до десет години, пренесува британски „Гардијан“.
Брекелманс денеска учествува на конференција на воени претставници во француската престолнина Париз.
- Претседателот (Володомир) Зеленски не смее да се согласи на договор кој би можел да доведе до некаков облик на граѓанска војна, додека врз земјата постојано виси закана од можна идна агресија. Тој треба да преговара од позиција на сила, порача холандскиот министер.
Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин јасно ставил до знаење дека Украина не е неговата последна цел во обидот да го врати империјалното минато.
- Тој ќе продолжи со агресивни, офанзивни напори за зголемување на влијанието и територијата на Руската Империја, во насока на својата визија за обновување на 'Рускиот свет'. Тоа е сон за Путин, а кошмар за остатокот од Европа, рече Брекелманс.
Министерот додаде дека „време е Путин да биде разбуден и да сфати дека неговите соништа не се реалност“.
- Без разлика колку е сурова војната, Украинците не можат да бидат замолчени. Тие се борат на првата линија на нашата слобода и безбедност против руската тиранија и агресија. Ова е линијата на фронтот на слободата и безбедноста на Европа, нагласи Брекелманс.
Тој се осврна и на неодамнешните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, истакнувајќи дека Алијансата е создадена во 1949 година за да спречи идни војни преку заедничка сила.
- Кога денеска минуваме низ влезот на седиштето на НАТО, од левата страна гледаме големо парче од Берлинскиот ѕид – симбол на крајот на Студената војна, а од десната страна – искривено парче челик од Кулите близначки, потсетник на 11 септември и последиците од тероризмот. Тоа е и потсетник за нашите американски сојузници кои бараа помош, и за европските кои одговорија на тој повик, рече тој.
Во заклучок, Брекелманс постави прашање какви воени реликвии ќе стојат до тие споменици за пет до десет години.
- Ќе биде ли тоа парче бетон од станбена зграда во Харков? Или дел од интернет-кабел од Северното Море? Тоа не можеме да го предвидиме, но веќе знам дека нашите постапки во овие денови и недели ќе бидат одлучувачки за следните пет до десет години, заклучи Брекелманс.
Во меѓувреме, украинската и американската делегација денеска започнаа преговори во Џеда, Саудиска Арабија, со фокус на патот кон мирот и украинско-американските односи, потсетува „Укринформ“. ссм/
фото: ЕПА