УСС на УКИМ иницира воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи
- Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје иницира воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори.
Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје иницира воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори.
УСС соопшти дека иницијативата, која ја поднело до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и до сите високообразовни установи во државава, е „во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите“.
Според предлагачите, наставниот кадар кој има педагошко-психолошка и методолошка подготовка е „подобро опремен за ефективно пренесување на знаењето и управување со различните аспекти на наставниот процес“, а очекувани резултати ќе бидат „зголемен професионализам на наставниот кадар, подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот и унапредување на меѓународниот углед на македонските високообразовни установи“.
-Со оваа иницијатива бараме од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и високообразовните установи итно да преземат активности за воспоставување на оваа практика. Предлагаме оваа иницијатива да влезе во закон, регулатива или, пак, правилник на Министерството за образование и наука. Ве повикуваме на соработка со Универзитетското студентско собрание во процесот на креирање и имплементација на ваквите програми, информира УСС на УКИМ. хс/aa/
Фото: МИА архива