Тетовскиот писател Веле Коцески ја издаде книгата „Амбар со афоризми“
- „Амбар со афоризми“ е насловено тринаесеттото книжевно дело на тетовскиот писател Веле Коцески. Станува збор за книга во која авторот има напишано 428 афоризми. Ова е втора книга со афоризми на тетовскиот автор.
Тетово, 4 февруари 2024 (МИА) – „Амбар со афоризми“ е насловено тринаесеттото книжевно дело на тетовскиот писател Веле Коцески. Станува збор за книга во која авторот има напишано 428 афоризми. Ова е втора книга со афоризми на тетовскиот автор.
- Афоризмите во својата зборовна концизност воодушевуваат со длабочината на авторовата мисловна вистина. Веле лаконски, само со неколку зборови искажува цела вистина која се прифаќа како безрезервно конечна. Неговите афоризми се оригинални со јасни мисли, едноставно создадени и без напор, што е доказ дека добро ја познава техниката на творењето афоризми и затоа тие секогаш се директни во искажување на вистината. Има и такви кои читателот го тераат да стави прст на чело да подзастане и длабоко да се подзамисли, вели во рецензијата на овој книжевен труд, рецензентот Владимир Кочовски.
Првата книга со афоризми насловена „Ко-афоризми“ Коцески ја има издадено во 2006 година. Има објавено и стихозбирка со сатирични песни „Кој е за Остен“ (2004), а со хумористично-сатирични текстови и карикатури бил застапен во хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во 2022 година ја издаде и публикацијата со анегдоти „Тетосќи мајтаплуци“.
Дел од литературната дејност на Веле Коцески се три стихозбирки за деца, две бајки за деца, две книги со раскази за деца, роман, новела како и монодрама на тетовски дијалект.ас/ар
Фото:МИА