Рамафоса го суспендираше министерот за полиција и најави истрага против него
- Постапката на Рамафоса следеше по тврдењата на висок полициски службеник во покраината Квазулу-Натал, генерал Нланхла Мхванази, дека Мчуну и заменик-полицискиот комесар Шадрак Сибија се мешале во чувствителни истраги, јавија американските медиуми.
- Post By Сашко Димевски
- 10:25, 14 July, 2025
Јоханесбург, 14 јули 2025 (МИА) – Јужноафриканскиот претседател, Сирил Рамафоса, денеска го суспендираше министерот за полиција, Сенцо Мчуна, и најави истрага за наводите дека тој соработувал со криминални синдикати.
Постапката на Рамафоса следеше по тврдењата на високиот полициски службеник во покраината Квазулу-Натал, генерал Нланхла Мхванази, дека Мчуну и заменик-полицискиот комесар Шадрак Сибија се мешале во чувствителни истраги, јавија американските медиуми.
Рамафоса рече дека се отвора истрага за случајот и дека Фироз Качалија ќе биде вршител на должноста министер за полиција.
„Комисијата ќе ја испита улогата на сегашни или поранешни високи службеници во одредени институции кои можеби помогнале или поттикнале наводна криминална активност, не постапиле врз основа на веродостојни разузнавачки информации или внатрешни предупредувања или профитирале финансиски или политички од синдикални операции“, рече Рамафоса во телевизиско обраќање.
Претседателот додаде дека истрагата ќе вклучи некои од агенциите за борба против криминалот и правдата во земјата, вклучувајќи го Националниот орган за гонење и Националната агенција за безбедност.
За време на прес-конференцијата минатата недела, Мхванази, исто така, тврдеше дека Мчуну и Сибија ја распуштиле клучната единица за борба против криминалот, задолжена за истражување на повторени политички мотивирани убиства во покраината, откако било откриено дека криминалните синдикати стојат зад убиствата.
Тој тврдеше дека истрагата на единицата покажала дека некои „политичари, агенции за спроведување на законот, Јужноафриканската полициска служба, градската полиција и поправните служби, обвинителите, судството“ биле „контролирани од нарко-картели, како и од бизнисмени“.сд/
фото:МИА архива