Полска повикува на референдум за членството на Унгарија во ЕУ
- Најавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за одржување национални консултации (необврзен референдум) за приемот на Украина во Европската Унија предизвика бурни реакции во Полска.
- Post By Сања Костовска
- 17:01, 11 March, 2025

Варшава, 11 март 2025 (МИА) - Најавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за одржување национални консултации (необврзен референдум) за приемот на Украина во Европската Унија предизвика бурни реакции во Полска.
Националните консултации, кои унгарската влада веќе ги користела во неколку наврати, подразбираат анкетирање на граѓаните за прашања што ги смета за клучни, но немаат обврзувачки карактер.
Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека, доколку Унгарија организира референдум за членството на Украина во ЕУ, тогаш тој би сакал да види и „референдум во ЕУ за членството на Унгарија, со Орбан на чело“.
Оваа изјава иницираше нова дебата за тоа дали Унгарија треба да остане во Унијата.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, возврати преку „Фејсбук“, обвинувајќи ги полските власти дека „газат врз владеењето на правото“ и дека нивните политики се насочени кон продолжување на војната, додека Унгарија се залага за мир.
„Полската Влада, заедно со Брисел, се обидува да ги блокира мировните преговори, додека напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување мир имаат сериозни шанси за успех“, изјави Сијарто.
Тој истакна дека продолжената поддршка за Украина би била огромен финансиски товар за ЕУ, во време кога економската конкурентност на блокот опаѓа.
– Ако лидерите во Брисел насилно ги спроведат своите планови, тоа ќе предизвика економска трагедија за Европа – додаде унгарскиот министер.
Сијарто оцени дека унгарската влада ќе ги почитува резултатите од националните консултации за пристапните преговори со Украина и предупреди дека евентуалното забрзување на процесот би имало „драматични економски последици“ за европската економија. ссм/
фото: архива