• Sunday, 17 November 2024

Панел во Битола за предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со аутизам

Панел во Битола за предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со аутизам

Битола, 16 ноември 2024 (МИА) - Големи се предизвиците со кои што се соочуваат родителите на децата со аутистичен спектар на нарушување и тој претставува огромен ментално здравствен проблем, социјално медицински, но и образовен проблем истакна во Битола, професор д-р Владимир Трајковски, претседател на Македонско научно здружение за аутизам.

Според професорот Трајковски, проблемот е во постојан пораст и според светската статистика, едно на 36 родени деца е со аутизам.

-На родителите им е потребна психосоцијална поддршка за да се справат со секојдневните проблеми што ги имаат дома, во училиште но и во здравствениот систем бидејќи Македонија назадува во следењето на светските трендови во смисол на здравствена заштита и вистински инклузивно образование. За возрасните лица со аутистичен спектар нашата држава барем засега, нема никакво решение и апелираме да се решава овој проблем. Најголем проблем е немањето дијагностички алатки кои што се валидизирани и шетањето од доктор на доктор, потоа проблем е обратно поставената инклузија и неможе секое дете со аутистичен спектар да оди во образование, а во здравствениот систем нема доволна подготвеност на докторите по медицина за дијагностика, третман и рехабилитација на оваа популација ранлива група граѓани во Македонија, посочи Трајковски.

На панел дискусијата во Битола, претседателот на Македонско научно здружение за аутизам, професор д-р Владимир Трајковски побара државата да изработи национален регистер и национална стратегија за работа со деца со аутистичен спектар на нарушувања.

-Споре нашата проценка во Македонија има околу 20.000 лица, но нема регистер на лицата за аутизам ниту има национална стратегија за работа со деца со аутистичен спектар на нарушување. Родителите секојдневно се борат, се изложуваат на материјални трошоци во приватни центри. Трошоците државата не ги надоместува, детски додаток има само за оние деца што се категоризирани, но има голема група на деца кои сеуште немаат дијагноза и не ги добиваат предвидените 7.000 денари од Министерството за труд и социјална политика, нагласи Трајковски.

Јавна поддршка на учесниците и организаторот на панелот, здружението „Порака Нова“, искажа градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

-Оваа тема ги допира сите и секојдневно се соочуваме. Секој ден во детските градинки и училиштата. Како општество и како град даваме поддршка и придонес, а како локална самоуправа сакаме да направиме што повеќе за вас, истакна Коњановски.

Панел дискусијата се одржа во рамки на проектот „Од различна перспектива: Предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со попреченост во новата ера“.мт/бт

Фото: МИА

You May Also Like