Изложба „Обмислување на современиот звучен пејзаж: Експериментални практики во визуелниот контекст“
- Во Галеријата ФЛУ на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на дела на учесниците на последната сесија на летната школа насловена како „Обмислување на современиот звучен пејзаж: Експериментални практики во визуелниот контекст“.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Во Галеријата ФЛУ на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на дела на учесниците на последната сесија на летната школа насловена како „Обмислување на современиот звучен пејзаж: Експериментални практики во визуелниот контекст“.
На изложбата учествуваат Ана Димитриевска, Јана Бутеска, Калин Маловски, Павел Николов, Вилијам Стојановски, Стефанија Цветановска, Доротеј Нешовски, Ангела Георгиевска и Мартина Спасовска.
-Основната цел на школата беше лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и инетрпретација на интердисциплинарно уметничко дело, велат од ФЛУ.
Одржувањето на Летната школа во рурална планинска средина било во согласност со потребите на сесијата, која што за почеток имаше одново запознавање со тишината.
-Имено, последица на живеењето и работењето во современата урбана средина доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени кои што треба да ги редефинираме за да, меѓу другото, разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за кое што сме помалку или повеќе несвесни. Со запознавањето на некои воведни поими и содржини од психоакустиката, со цел за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, учесниците се запознаа со поимот „шум“ и спектрален состав (боја, карактер) на звукот/шумот со цел за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови кои што не опкружуваат во секојдневието и значењето на истите во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во истата, појаснуваат од Факултетот за ликовни уметности.
Учесниците имале можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на уредите за снимање на звук, пред се на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање на звук/шум во соодветно софтверско решение. Со ова, учесниците се подготвиле да размислуваат за звукот и звучните феномени како на елементи коишто може да ги употребат во/за создавање на звучни слики и амбиентални звучни пејсажи како сомостојни уметнички дела но и комплексни уметнички инсталации во кои звукот игра значајна улога. Сесијата била одржана во населено место Лазарополе, Општина Маврово и Ростуше. сст/ев/
фото ФЛУ