• Thursday, 06 March 2025

Градоначалникот на Куманово Димитриевски го посети логистичкиот центар на Лидл во индустриската зона Речица

Градоначалникот на Куманово Димитриевски го посети логистичкиот центар на Лидл во индустриската зона Речица

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска го посетил логистичко-дистрибутивниот центар што германската компанија Лидл го гради во индустриската зона Речица, во близина на Куманово.

Како што соопштија од општина Куманово, овој стратешки проект е од големо значење за економскиот развој на регионот и претставува значајна странска инвестиција во Северна Македонија.

Изградбата на комплексот се одвива според предвидената динамика и моментално е во фаза на заградување на магацинот. Логистичкиот центар на Лидл се простира на површина од 64 000 квадратни метри во рамките на комплексот на површина од 170 хектари. Вредноста на инвестицијата е 80 милиони евра, а по завршувањето на проектот се очекува да се отворат нови 150 работни места кои значително ќе се одразат на локалната економија.

Лидл ја избра локацијата во Куманово поради поволната географска положба и одличната инфраструктура, што ќе овозможи брзо и ефикасно снабдување на идните продавници на Лидл во Северна Македонија. Во изградбата на логистичкиот центар се користат најсовремени и најиновативни градежни стандарди, со посебен акцент на одржливоста. Центарот ќе биде опремен со фотоволтаични панели со вкупен капацитет од 1,7 мегават часови што ќе придонесе за зголемена енергетска ефикасност и намалување на јаглеродните емисии, стои во соопштението. вг/цр

Фото: Општина Куманово

You May Also Like