• Wednesday, 28 January 2026

Триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со концертна промоција на албумот Long Slow Fall

Триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со концертна промоција на албумот Long Slow Fall

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски вечер во Македонски паб Ѕе во Скопје ќе одржи концертна промоција на албумот Long Slow Fall. 

-Она што особено ги одликува настапите на Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, се посочува, е нивната изразена игровност. И покрај комплексноста и ризикот што ги носи ваквиот пристап, музиката зрачи со виталност, хумор и телесна енергија. Секој концерт е колективна игра на слушање и реакција, во која ништо не е однапред договорено, но сè е длабоко поврзано велат организаторите

Ттриото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со албумот Long Slow Fall, се посочува, се појавува како редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка. Наместо тоа, нивната музика постои во состојба на постојано лизгање, пропаѓање и повторно појавување – како процес, а не како завршен објект. Овој албум не е збир на композиции во класична смисла, туку динамична мрежа од ситуации, гестови и реакции, во кои фри џезот функционира како метод, а не како стил.

-Во жив контекст, оваа музика добива дополнителна димензија. Концертот на триото е простор на радикална непредвидливост: структури што се појавуваат и исчезнуваат, лирични фрагменти што ненадејно се распаѓаат во шум, електронски текстури што се судираат со акустична експресија, ритмички импулси што постојано се редефинираат. Џезот тука не е жанровска одредница, туку отворено поле низ кое музичарите слободно маневрираат, флуктуирајќи помеѓу лиричност, ноиз, апстракција и сурова енергија.

Концертот е покана за влез во еден нестабилен, возбудлив и отворен музички свет — концерт што не нуди сигурност, туку интензивно искуство во кое падот е бавен, но никогаш предвидлив, најавуваат организаторите.

Промотивниот концерт на албумот Long Slow Fall ќе се одржи во Македонски паб Ѕе, вечер, со почеток во 21 часот.

Влезот е 200 денари, а со секоја купена влезница посетителите ќе добијат download код за дигитално преземање на албумот.

Албумот може да се преслуша на следниов линк: https://aksioma.bandcamp.com/album/long-slow-fall-2 . вг/са/

Фото: Плакат