• Wednesday, 28 January 2026

Кавадарци има околу 37 илјади жители и 7 илјади читатели во градската библиотека, амбасадорката Џанел отвори холандско катче 

Кавадарци има околу 37 илјади жители и 7 илјади читатели во градската библиотека, амбасадорката Џанел отвори холандско катче 

Кавадарци, 27 јануари 2026 (МИА) - Кавадарци има околу 37 илјади жители и 7 илјади активни читатели во градската библиотека „Феткин“, каде денеска во присуство на амбасадорката Озлем Џанел, беше отворено холандското катче. Библиотеката постои 80 години, а збирката со книги од холандски автори преведени на македонски јазик, во ова катче, е донација од амбасадата. Ова е второ холандско катче во државата, надвор од Скопје.

Најпрвин, амбасадорката беше на средба со градоначалникот Митко Јанчев. Тој во изјава за медиумите, изрази задоволство од посетата и рече дека имале продуктивен разговор. Притоа потсети дека Холандија отсекогаш била поддржувач на нашата земја.

- Разговаравме за неколку проекти, што во иднина би можеле да ги промовираме, да ги доближиме до нашата општина. Во делот на превентива, заштита, социјала, подигање на културата, нагласи Јанчев.

Амбасадорката, исто така, изрази задоволство од посетата. - Холандија како партнер на Северна Македонија останува посветена со желба да помогне, секаде каде што е тоа возможно - истакна таа.

Притоа подвлече дека библиотеките се многу важно место, културата е многу важен сегмент.

Директорот на библиотеката, Петар Гурев рече дека ова катче значи поврзување на двата народа. свд/дма/

Фото: МИА