„Кавалерија Рустикана“ утревечер на сцената на Националната опера и балет
- Операта во еден чин, „Кавалерија Рустикана“, едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, ќе биде изведена утревечер во Националната опера и балет (НОБ), соопштија од установата.
- Post By Блаже Дарудов
- 14:09, 27 January, 2026
Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Операта во еден чин, „Кавалерија Рустикана“, едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, ќе биде изведена утревечер во Националната опера и балет (НОБ), соопштија од установата.
Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена. Станува збор за интензивна приказна за љубовта, љубомората и одмаздата.
-Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари - Италија, со сценографија на Зоран Николовски и костими на Елена Дончева, овој спектакл ќе се одржи во 19:30 часот на големата сцена на НОБ. Очекувајте силни емоции и славното „Интермецо“, порачуваат од Националната опера и балет.
Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес, стои во соопштенито по повод претстојната изведба на оваа опера. бд/вг/
Фото: „Фејсбук“ - страница на НОБ