МТСП: Наскоро пак ќе почне со работа народната кујна во Куманово, Општината одвојува оброк за стоина граѓани
- Деведесет и две семејства од Куманово четири месеци не користат бесплатен оброк преку проектот „народна кујна“ на Министерството за труд и социјална политика. Дел од нив користат топол оброк, кој пак го обезбедува Општина Куманово, преку програмата за социјална заштита. Од ресорното министерство денеска информираа дека наскоро повторно ќе профункционира услугата наменета за ранливите категории граѓани, која, како што наведуваат е резултат на лошата проекција на буџетот за минатата 2024-та година.

Куманово, 20 февруари 2025 (МИА) - Деведесет и две семејства од Куманово четири месеци не користат бесплатен оброк преку проектот „народна кујна“ на Министерството за труд и социјална политика. Дел од нив користат топол оброк, кој пак го обезбедува Општина Куманово, преку програмата за социјална заштита. Од ресорното министерство денеска информираа дека наскоро повторно ќе профункционира услугата наменета за ранливите категории граѓани, која, како што наведуваат е резултат на лошата проекција на буџетот за минатата 2024-та година.
-Народната кујна во Општина Куманово наскоро повторно ќе започне со работа, односно со бесплатен оброк за социјално ранливите-корисници на гарантирана минимална помош во системот на социјална заштита. Надминат е проблемот со услугата на народната кујна предизвикан од лоша проекција на буџетот за 2024 година на министерството која доведе до недостаток на финансии за испорака на дел од трансферите од министерството до надлежните институции. Со новиот план за јавна набавка за 2025 година, предвидени се средства за оваа услуга и таа ќе продолжи, соопштија од МТСП.
Конкретно во Куманово, услугата до октомври 2024 години ја користеле 92 семејства со 222 дневни оброци. Во соседната општина Старо Нагоричане ја користат 19 семејства со 30 оброци. Од МТСП велат дека согласно Законот за локална самоуправа, општините исто така се надлежни и за грижа на лица изложени на социјален ризик.
Во Општината услугата функционира од лани. Годинава, за таа намена се одвоени шест милиони денари. Правото на користење на народна кујна е дел од општинската програма за социјална заштита и за корисниците предвидува право на еден дневен оброк. Оброците се подготвуваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, кој е давател на услуга, а програмата е поддржана од буџетот на општината. Општина Куманово во јануари го објави повикот.
-Моментално оброк користат 100 граѓани. Лани, почнавме со бројка од 50, стигнавме до 280 корисници. Запознаени сме дека граѓаните не можат да користат бесплатен оброк преку МТСП, поради финансирање. Во општината до лани до септември имавме 60 корисници, сега бројката е надополнета. Ако има потреба, подготвени сме да направиме дополнителни напори и да се зголеми бројката на корисници, изјави раководителот на секторот за социјална заштита Александар Крстевски.
На ниво на државата услугата на народните кујни изминативе години како дел од поддршката на ранливите категории на граѓани функционира на 49 пункта, каде центрите за социјална работа пријавиле потреба и е дел од годишниот план за јавни набавки. Надлежниот центар за социјални работи поднесува барање до Министерството за социјална политика демографија и млади доколку има промена на бројот на корисници или оброци.
Во моментов услугата на Народна кујна ја користат 1.659 корисници кои имаат право на вкупно 3.247 оброци. Секој од корисниците се потпишува на претходно изготвен список од страна на надлежниот центар за социјални работи со цел да се води евиденција во врска со бројот на корисници и побарувачката на оброци.
Во Куманово за состојбата реагираа и од локалниот огранок на СДСМ, каде на денот на социјална правда ги прозваа политичките опоненти, институционално да ја вратат народната кујна за ранливите категории граѓани. ам/мд/
Фото: МИА