• Saturday, 22 February 2025

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Битола, 21 февруари 2025 (МИА) - Педагошкиот факултет и Македонското научно друштво-Битола го одбележаа 21 февруари - Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со работилница наменета за студентите.

Работилницата беше реализирана од м-р Елизабета Јончиќ, професорка по македонски јазик и книжевност, и асистент м-р Марија Стојаноска, докторанд од областа Македонистика. Тие подготвија анализа на неологизмите во поезијата на Гане Тодоровски и Весна Мундишевска-Велјановска.

-Кога создаваме на мајчин јазик тоа е исто како да се истражуваме себеси во јазикот, но и да дозволуваме јазикот да нè обликува до таа мера што ќе мислиме и ќе дејствуваме со негово посредство... Јазикот има и естетска функција, а со него и се поврзуваме со другите луѓе и со сè што нè опкружува или со сè што е во нас. Поетите и писателите се волшебници, алхемичари на зборот, експериментатори со јазикот и тие намерно ја пореметуваат синтаксата, нижат зборови кои гласовно се совпаѓаат, спојуваат навидум неспоиви семи, но и создаваат сосема нови зборови кои не постоеле до тогаш во јазикот. Во тој контекст е и оваа работилница која има цел да ги доближи авторските неологизми на современите македонски автори до младата популација и да покаже дека книжевноста е поле за бесконечни и инвентивни реализации на јазикот, но и дека јазикот се чува, но и се пресоздава во книжевноста, се раѓа нов, а стар, како новороденче со мудар поглед, како иднина што содржи минато, како сегашност која нè тера да ја погледнеме в очи за да го живееме мигот и да знаеме дека сме живи создавајќи вредност, истакна претседателката на Македонско научно дртуштво – Битола, д-р Даниела Андоновска-Трајковска, воедно редовен професор на Педагошки факултет – Битола.мт/ар
Фото: МИА