Мицкоски: Трендафилов е последниот браник на некои минати времиња и на денешната опозициска коалиција
- Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов наместо да биде вистински борец за правата на работниците, се пресметува со него и со Владата.
- Post By Фатиме Фазљији
- 17:29, 15 March, 2025

Скопје, 15 март 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов наместо да биде вистински борец за правата на работниците, се пресметува со него и со Владата.
-Оваа Влада е можеби единствената Влада во историјата на независна демократска Македонија која што не доби 100 дена. Од прв ден бевме нападнати. Од втор ден бевме нападнати. Перјаница на целиот тој процес беше лицето кое што го споменавте, кој што ја злоупотребува институцијата. Таа институција, и знам дека сигурно сите не се истомисленици во раководството. Сигурно знам. За жал, наместо вистински борец за правата на работниците, тој отпочна да се пресметува со мене и со Владата, рече премиерот на новинарско прашање при денешната посета на Општина Студеничани.
Како што нагласи Мицкоски, денеска последниот штит на поранешната владина коалиција, а денешна опозициска коалиција Левица, ДУИ и СДСМ се неколку судии, обвинители и Трендафилов.
-Тоа е последниот браник на некои минати времиња и на денешната опозициска коалиција. Ние како Влада имаме принципиелен став и ќе се држиме до нашите принципи, рече премиерот Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче околу обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ССМ одработува за опозициската партија, нагласи дека да се стави партиско обележје на една таква активност е недозволиво и недемократски. Потенцира дека немал никаква комуникација со претставниците на ССМ и оти претседателот на Синдикатот не го познавал од порано.
-Апсолутно немам никаква комуникација со претставници на Сојузот на синдикатите. Претседателот на ССМ го имаме сретнато само еднаш пред неколку месеци во Собрание и тогаш се запознавме, претходно не сум го знаел ниту порано, кога дискутиравме за барањата на вработените во секторот образование. Сметам дека да се стави партиско бележје на една таква активност е недозволиво и недемократски поради тоа што синдикатот како репрезент на работниците, на нивните реални и објективни барања тоа му е едноставно работа. Ние во изминатиот период кога ја водевме Владата покажавме што значи вистинска грижа за работниците. Ние проактивно работевме да работиме да најдеме дополнителни средства во буџетите, да ги зголемиме платите, тенденцијата на раст на минималната и просечната плата да остане со текот на годините, да може да се зголеми квалитетот на живот на работниците, рече тој.
Работниците ќе видат кој ги манипулира и лаже за минималец, кажа порано денеска на прес-конференција, пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, споделувајќи информации од, како што рече незадоволни членови на ССМ, според кои „Трендафилов и луѓето околу него имаат месечни примања двојно и тројно поголеми од една минимална плата“.
- Почнуваме со демаскирање на Слободан Трендафилов, претседател на ССМ и неговите соработници, со информации што до нас ги доставија членови на ССМ кои се незадоволни од неговиот апашлук. Работниците се револтирани, затоа што додека ги манипулира Трендафилов, тој и луѓето околу него имаат месечни примања од над двојно и тројно поголеми од една минимална плата. Дали синдикалецот на батерии на СДС и Левица, Трендафилов, со 75 илјади денари месечно во џеб ги манипулира работниците за минималец?, изјави пратеникот на прес-конференција денеска во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. фф/вг/
Фото: МИА Архива