• Friday, 14 March 2025

Мицкоски најави протести ако судиите со изгласана недоверба не си дадат оставка

Мицкоски најави протести ако судиите со изгласана недоверба не си дадат оставка

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави оти ќе се случат протести доколку, како што истакна, „корумпираните судии за кои беше изгласана недоверба во Собранието не си дадат оставки, а на тие протести тој ќе биде во првите редови“.

-Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3 проценти, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи, истакна премиерот Мицкоски вечерва во гостувањето на „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

За тоа кој ќе ги замени, премиерот Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но оти нема да има вакви луѓе за кои има докази, затоа што, како што рече, правда не може да има како сега со судии или обвинители или, пак, членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови.

-Тука има луѓе за кои има докази кои се или како се. На крајот на денот ние сите овие процеси кои ги водиме, не ги водиме за да биде исто, немам причина за да биде исто, само со нови луѓе. Имаме извештај од Оценската мисија кој јасно дава насоки како да се движат реформите и истите ќе ги имплементираме. Ќе се држиме до извештајот, само нешто да смени, затоа што не оди вака, ако сакаме да имаме држава. Сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава и да основаат семејства во оваа држава, јас ќе се борам за таква држава, рече Мицкоски.

Собранието на седницата во вторникот изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера во изјава за медиумите рече дека очекува Дамева, Црвенковска, Мустафа, Чачарова - Илиевска и Адеми да ги напуштат позициите, затоа што немаат кредибилитет да бидат на тие места. -Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места, изјави Мицкоски.

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Томас Вајц во пишана изјава до медиумите попладнево реагираше на, како што се посочува, „притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност“. -Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ, наведува Вајц во пишаната изјава до медиумите.

Претходно денеска, американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека многу внимателно ги следат процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа како ги коментира изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, Агелер нагласи дека не може да ги коментира, но, како што рече, најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин. – Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат, рече Агелер. нд/вј/

Фото: Влада