Мицкоски во Вашингтон се сретна со претседателот на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе
- Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон имал средба со Фредерик Кемпе, претседател и извршен директор на Атлантскиот совет.

Вашингтон, 20 февруари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон имал средба со Фредерик Кемпе, претседател и извршен директор на Атлантскиот совет.
- Разговаравме за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина. Средбата претставуваше одлична можност за размена на ставови и идеи со еден од водечките експерти за меѓународни односи, објави Мицкоски на Фејсбук.
Тој претходно во Атлантскиот совет говореше за иднината на трансатлантските односи и Западен Балкан, осврнувајќи се на односите со Грција, посебно со Бугарија и нашето членство во ЕУ.
- На разговорот во Атлантскиот совет истакнав дека и покрај значајните отстапки за напредок во евроатлантската интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет. Посебен акцент ставив на улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, нагласувајќи дека нашата држава ги почитува сите негови пресуди, напиша Мицкоски на својот ФБ профил.
Во рамките на посетата на Вашингтон, тој ќе има обраќање и на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.
Мицкоски објави видео од организаторот на конференцијата со кое се најавува неговото обраќање.
На тридневниот состанок на конзервативците ќе се обратат американскиот претседател Доналд Трамп и политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја води Конференцијата за конзервативна политичка акција, а другите сесии ќе вклучуваат дискусии за криптовалутите и мирот на Блискиoт Исток, како и панел со роднини на заложниците кои се држат во Газа.
Покрај претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон, на агендата денеска се и поранешната британска премиерка Лиз Трас и политичкиот директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Предвидено говори да имаат и словачкиот премиер Роберт Фицо, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Претедателот на македонската Влада, кој во САД е придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, синоќа имал средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, на која станало збор состојбата во државата, за европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план, како и за реформската посветеност на Владата и фокусот на клучните области.
Станало збор и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
На средбата заеднички е потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог и зацврстување на билатералните односи помеѓу двете земји, преку засилена комуникација и институционална соработка, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку продлабочена соработка и партнерство во рамки на НАТО алијансата.са/ев/
Фото: ФБ Христијан Мицкоски