• Monday, 27 January 2025

Михајлов: Кај порано посеаните житарици забележан инсектот „црниот житарец“, земјоделците редовно да вршат контрола

Михајлов: Кај порано посеаните житарици забележан инсектот „црниот житарец“, земјоделците редовно да вршат контрола

Штип, 26 јануари 2025 (МИА) - Снегот кој падна на земјоделските површини во јануари нема многу големо влијание од аспект на влага, бидејќи целиот декември лани беше врнежлив во овчеполскиот и штипскиот регион,вели универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Љупчо Михајлов.

Тој посочува дека со благата зима, со невообичаено високи тепемератури, нема ризик за измрзнување на посевите. Инаку врнежите дожд лани во декември ја имаат и пролонгирано сеидбата на житните култури, па дел од земјоделците сеидбата ја имаат извршено по Нова година.

-Во однос на вашето прашање, да снегот секогаш е добредојден, но оваа година немаше важно влијание, бидејќи неговата просечна височина беше од 10 до 15 сантиметри, кратко се задража заради високите температури, вели Михајлов.

Но, тој им порачува на земјоделците во моментов да ги контролираат површините, барем еднаш неделно, бидејќи кај житните култури кои порано се посеани има забележано појава на инсектот „црниот житарец“.  

-Оние коишто имаат направено рана седиба, каде што посевите се во состојба на братимење, имаат голема лисна маса веќе се среќаваат со проблемот на напад на „црниот житарец“, којшто прави штети и ги оретчува, го намалува склопот на културите. Затоа повеќето од нив при контролата, ако забележат дека имаат штети од тој штетник, тој инсект, од ларвата на тој инсект треба да ги третира со одредени инсектициди. Што од друга страна го поскапува и производството, вели Михајлов.

Универзитетскиот професор, Михајлов советува земјоделците во овој период да фрлат дополнително ѓубре и тоа за посевите кои се порано насеани со житни култури. Според него најважно во овој период за да се спречат болести и помалите приноси, земјоделците почесто да излегуваат и да ги контролираат своите посеви. вдј/нд/

Фото: МИА