• Friday, 21 February 2025

Меџити: Го финализираме предлогот на Законот за климатска акција, каде вградени се и прашањата за образование за климата и трансферот на технологии

Меџити: Го финализираме предлогот на Законот за климатска акција, каде вградени се и прашањата за образование за климата и трансферот на технологии

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Климатските промени претставуваат еден од најголемите предизвици на нашето време. За ефикасно да се справиме со овие предизвици, мораме да инвестираме во човечкиот капитал - нашата колективна способност да се приспособиме, да иновираме и да градиме отпорни општества. Во таа насока, го финализираме предлогот на Законот за климатска акција, каде, покрај другото, се вградени прашањата за образование за климата и трансферот на технологии, изјави денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Тој имаше обраќање на завршниот настан на проектот „Градење капацитети за одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“, имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка - ГИЗ и национално назначениот орган за Зелениот климатски фонд (ГЦФ) - канцеларија на претседателот на Владата. Беа презентирани клучните резултати и постигнувања од проектот, што во изминативе месеци работеше на тоа како да се зајакнат капацитетите за справување со климатски промени во секторите: здравство, образование и социјална вклученост.

- Проектот имаше за цел да помогне институциите да бидат поподготвени и поефикасни кога станува збор за справување со климатските промени и одржливиот развој, беше истакнато на настанот.

На настанот, исто така, се зборуваше за создавање нови „зелени работни места“, што ќе им дадат можност на младите да работат во сектори што се во согласност со најновите климатски трендови.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани рече дека особено се гори што овој проект ги поставил темелите за поттикнување на зелени работни места и унапредување на политиките за социјална инклузија.

- Во овој контекст, важно е да истакнеме дека националниот Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово чувствително и инклузивно вработување, во клучните економски сектори во државата, содржи конкретни мерки за адаптација на пазарот на трудот кон зелената транзиција, додаде министерот.

Даме Димитровски, советник на претседателот на Владата, истакна дека климатските промени се високо во владината агенда и оти секторите образование, социјална заштита и здравство се препознаени како клучни во зелената агенда.

- Релевантните институции ќе имплементираат акциски планови со клучни активности за справување со климатските промени што беа изработени во рамки на овој проект. Вложуваме во унапредување во човечкиот капитал и нашата заложба е луѓето во овие институции да ги чувствуваат овие проекти и активности за свои, додаде Димитровски.

Од Германското друштво за меѓународна соработка - ГИЗ, Марк Барет, проектен менаџер, истакна дека една третина од портфолиото е всушност имплементација на проекти што, како на национално, така и на регионално ниво, придонесуваат кон адаптација на земјоделието и транспортниот сектор, декарбонизација на енергетскиот сектор, унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти и справување со поплави, како и зајакнување на приватниот сектор, што игра клучна улога во зелената транзиција. бд/нд/

Фото: МИА