Димитриеска-Кочоска: Силна Царинска управа е клучна за стабилни јавни финансии, заштита на економијата и поддршка на стопанството
- Таа нагласи дека царинската служба има централна улога во спроведувањето на трговските политики, администрирањето на договорите за слободна трговија и заштитата на домашната економија, што ја прави еден од клучните столбови на системот на јавни финансии.
- Post By Блаже Дарудов
- 12:51, 14 April, 2026
Скопје, 14 април 2026 (МИА) - Силна, модерна и ефикасна Царинска управа е клучна за стабилни јавни финансии, заштита на економијата и поддршка на стопанството - порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот настан по повод одбележувањето на 14 Април - Денот на Царинската управа. Оваа година се навршуваат 34 години од основањето на институцијата, а настанот се одржа во Филхармонијата.
Министерката во своето видеообраќање истакна дека Владата останува цврсто определена за модернизација и дигитализација на Царинската управа, како и за континуирано јакнење на нејзините институционални и човечки капацитети, со главна цел поефикасна наплата на буџетските приходи, олеснување на трговијата и создавање предвидлива и сигурна деловна средина.
Таа нагласи дека царинската служба има централна улога во спроведувањето на трговските политики, администрирањето на договорите за слободна трговија и заштитата на домашната економија, што ја прави еден од клучните столбови на системот на јавни финансии.
- Царинската служба има клучна улога во олеснувањето на трговијата, администрирањето на договорите за слободна трговија, унапредување и заштита на националната економија, наплата на буџетските приходи. Доброто функционирање на секоја царинска служба претставува посебен општествен и државен интерес и приоритет - истакна министерката.
Во услови на глобални економски и енергетски предизвици, министерката потенцира дека Владата презема навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството и покрај нивното влијание врз буџетските приходи. Притоа, како што додаде таа, останува приоритет одржувањето на фискалната стабилност и обезбедувањето одржлив раст.
- Остануваме посветени на спроведување на реформите во секторот царина, како и во вложувањето и стручната поддршка на царинските работници и царината во целост. Само така ќе одговориме на новите предизвици што доаѓаат од брзата глобализација на трговијата и финансиските системи, кои наметнуваат нови очекувања во борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија. Така ќе продолжиме да остваруваме резултати, кои во изминатиот период покажуваа раст на приходите при увоз и ќе изградиме систем во кој има доверба и бизнис-заедницата и граѓаните. Само заеднички можеме да придонесеме системот да биде здрав, да биде ефикасен и во функција на сите - додаде Димитриеска-Кочоска.
Министерката упати благодарност до сите вработени во Царинската управа за нивната професионалност, посветеност и придонес во изминатите 34 години, со порака дека токму човечкиот фактор е клучен за понатамошниот развој и успешното справување со предизвиците што ги носи современата економија. бд/вј/
Фото: Фејсбук-страница на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска
Видео: Фејсбук-страница на директорот на Царинската управа, Бобан Николовски