Делчево со дигитален Совет: Од петок стартува новата платформа за транспарентна работа на локалната самоуправа
- Денеска беше спроведена обука на советниците за користење на платформата, со што успешно беше заокружена подготвителната фаза за нејзина примена.
Делчево, 27 јануари 2026 (МИА) – Советот на Општина Делчево направи значаен исчекор кон модернизација и дигитализација на своето работење со воведување на новата платформа opstinskisovet.mk, преку која ќе се овозможи целосна дигитална организација на работата на Советот, како и поголема транспарентност и пристапност за граѓаните.
Денеска беше спроведена обука на советниците за користење на платформата, со што успешно беше заокружена подготвителната фаза за нејзина примена. Платформата ќе биде ставена во целосна функција од петок и ќе се користи во секојдневната работа на Советот на Општина Делчево.
Преку системот, советниците ќе имаат можност дигитално да пристапуваат до материјалите за седниците, да учествуваат во работните процеси и да следат документи и одлуки во реално време. Истовремено, граѓаните ќе можат да се најават како гости и да добијат увид во дневните редови, материјалите, одлуките и целокупната работа на Советот, што значително ја унапредува транспарентноста и јавноста во локалното управување.
Со оваа активност започнува реализацијата на уште едно предизборно ветување на локалната власт, насочено кон подобрување на услугите за граѓаните и зголемување на отчетноста на избраните претставници.
Од Општина Делчево посочуваат дека дигитализацијата ќе придонесе за поголема ефикасност во работењето на Советот, заштеда на време и ресурси, како и намалување на административните трошоци, особено преку редуцирање на користењето хартија.
-Ова претставува важен чекор кон современо, ефикасно и одговорно локално управување, кое е во служба на граѓаните и нивните потреби“, наведуваат од Општината.
Воведувањето на дигиталната платформа е дел од пошироките напори на Општина Делчево за унапредување на дигиталните услуги и приближување на институциите до граѓаните, со цел создавање поотворена, транспарентна и модерна локална самоуправа. вс/ац/
Фото: МИА