• Wednesday, 28 January 2026

Мицкоски: Не разбирам зошто пари од продадена нива би се нашле во ѕид

Мицкоски: Не разбирам зошто пари од продадена нива би се нашле во ѕид

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 го коментираше случајот со заѕиданите 350.000 евра на родителите кај обвинителот Ѓоко Ристов. Мицкоски не сакаше да коментира како премиер, магласувајќи дека ја почитува пресумцијата на невиноста, но како како човек кажа дека не му е јасно зошто пари од продадена нива се нашле во ѕид, туку дека има многу поконвенционални начини за чување на пари.

-Јас не сакам да се претворам во судија ниту да критикувам. Како човек, навистина ми беше сето тоа лошо за гледање, затоа што и да е вистина дека е продадена нива легално и сето тоа поминало низ сите легални процедури, не разбирам зошто парите би се нашле заѕидани во ѕид. Зошто имате потреба да ги чувате во ѕид? Ако се тие чисти има многу конвенционални начини да ги чувате, нема повод ни причина тоа така да го правите. Мислам дека  им е малку плитко алибито, но оставам судските органи да го кажат своето, изјави Мицкоски.

Во однос на изборот на државниот јавен обвинител рече дека не сака да дава априори суд додека не го слушне мислењето на Советот на јавни обвинители, а во однос на тоа кој од досега пријавените е најдобриот кандидат нагласи дека сите тие доаѓаат од фелата и како што рече претпоставува дека нудат квалитет, дека веруваат во себе, дека се мотивирани.

Клучно, рече премиерот е да имаат одлична и бескомпромисна борба со криминалците и криминалот.

-Но да одиме чекор по чекор, нека излезе Советот за јавни обвинители, потоа Владта, па парламентот, нека има некој ред, рече премиерот.

На прашањето дали од петмината кои досега поднесоа кандидатури има некој според него достоен за позицијата, Мицкоски рече дека мора да има за да не се создазде правен вакуум.

Во однос на тоа дали постои волја кај Владата да се подигне нивото на доверба во правосудството Мицкоски нагласи дека тоа не зависи од извршната власт, таа дава правни рамки, но рејтингот сами го градат обвинителите и судиите со својата работа. 

Нагласи дека денеска на владина седница поинал Предлог-законот за јавното обинителство, кој претходно доби позитивна оценка од Венецијанската комисија.

-Ние може да изготвиме правна рамка, која е меѓународно верификувана и таа да се најде пред пратениците, другото е до самите обвинители, дали ќе се борат или ќе станат ортаци со криминалците, рече премиерот. ац/

Фото. Принтскрин