• Monday, 02 March 2026

Во Кочани се одржа Меѓународен карате турнир во спомен на настраданите во „Пулс“

Во Кочани се одржа Меѓународен карате турнир во спомен на настраданите во „Пулс“

Кочани, 1 март 2026 (МИА) - Во организација на Карате федерацијата на Македонија и Карате клубот „Партизан“ – Кочани, во спортската сала „Кочански Ангели“ викендов се одржа Меѓународен карате турнир „63 Ангели“ посветен на жртвите од трагедијата во „Пулс“.

На турнирот настапија близу 400 каратисти од 32 карате клубови од Македонија и Србија, кои во натпреварувачки дух, достоинствено и со почит се обединија на големиот спортски настан. Главниот поттик за организација на турнирот дојде од македонскиот репрезентативец и член на КК „Партизан“, Филип Стојанов.

Најуспепешен клуб на овој прв меѓународен турнир  е КК „Кочани“. Алексeј Ристов и Илина Костадинова од истиот клуб се најдобрите натпреварувачи во борби во машка и женска конкуренција. „Сансаи Метал Апостолов“ е најдобар екипно во кати и во машка и во женска конкуренција.

-Турнирот нека биде начин за достоинствено сеќавање и почит кон поддршка на повредените во трагедијата. Од името на КК „Партизан“ и на цело Кочани, им благодариме на Македонската карате федерација, на судиската организација за поддршката при организацијата, како и на сите коишто на свој начин помогнаа и помагаат сите учесници да се натпреваруваат и чувствуваат пријатно во Кочани. Со овој турнир испраќаме уште една порака дека каратето е повеќе од натпревар, тоа е карактер, почит и човечност, истакна на отворањето Благојчо Арсов од КК „Партизан“, поранешен репрезентативец на Македонија.

Собраните средства од котизацијата на турнирот ќе бидат донирани на волонтерската организација „Сапорт Кочани“.

Секретарот на Карате федерацијата на Македонија, Игор Миновски, потенцираше дека каратето не создава само врвни спортисти, туку и личности со високи морални вредности.

-Како Карате федерација, горди сме што поддржуваме иницијативи кои го промовираат спортот како сила што обединува и помага. Вашето учество денес е повеќе од натпревар, а тоа е порака за заедништво и хуманост,  порача Миновски.

На Меѓународниот турнир „63 Англи“ беа доделени медали на победниците, како и плакета за најдобар машки и женски натпреварувач во кумите и кати , најдобар клуб во генерален пласман и најмасовен клуб. ис/вг/

фото: МИА