• Sunday, 08 March 2026

Спортистките изложени на психолошко, вербално и сексуално насилство без институционална заштита

Спортистките изложени на психолошко, вербално и сексуално насилство без институционална заштита

Скопје, 8 март 2026 (МИА)

Ангела РАЈЧЕВСКА

Родово базираното насилство врз жените во спортот претставува сериозен, но слабо истражен и речиси невидлив системски проблем во Северна Македонија. Иако спортот традиционално се доживува како простор на еднаквост, солидарност и личен развој, бројните сведоштва и достапните анализи покажуваат дека за многу жени и девојки тој претставува место каде се репродуцираат родови нееднаквости, дискриминација и различни форми на психолошко, вербално, па дури и сексуално насилство. Притоа, глобалниот недостаток на систематски истражувања е уште поизразен на национално ниво, каде речиси и да нема официјални статистики или структурирани податоци кои би овозможиле реална процена на обемот на проблемот.

Според истражувањето „Родово базираното насилство врз жените во спортот во Северна Македонија“, и покрај тоа што државава е обврзана кон напредни стандарди за превенција и заштита од родово базирано насилство, преку Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација и друга релевантна легислатива, овие обврски не се транспонирани во спортската легислатива. Законот за спортот не предвидува одредби поврзани со родовата еднаквост, ниту механизми за пријавување и заштита.

Достапните анализи и истражувања укажуваат дека родово базиранoто насилство во спортот е слабо истражена и недоволно видлива појава. Податоците се фрагментирани и најчесто ограничени на поединечни случаи или спортови, при што се издвојуваат нормализацијата на одредени форми на насилство, ниската стапка на пријавување и доминантната улога на тренерите како фактори на ризик. Прегледот на достапните национални извештаи дополнително укажува дека случаите се ретко јавно препознаени и дека нема систем за регистрирање и следење на насилството во спортот, што создава значајна празнина во разбирањето и посочувањето на проблемот.

Спортистиките изложени на вербални напади и закани, поради насилството се повлекуваат од натпреварување

Анкетата спроведена меѓу спортистките во рамките на истражувањето дополнително ја потврдува распространетоста на насилството. Најголем дел од спортистките кои одговориле се малолетни, односно имаат помалку од 18 години (48,7%), по што следуваат спортистките на возраст помеѓу 18 и 24 години (28,7%) и значаен дел од нив се занимаваат со спорт на клупско/регионално ниво (66,1%) и на национално/меѓународно (32,2%). 

Одговорите на анкетата укажуваат дека вознемирувањето и насилството се распространета појава во организираниот спорт, при што само мал дел од испитаничките (10,4%) сметаат дека овие појави не постојат во спортот, додека за најголемиот дел тие се ретки или чести. Повеќе од половина од спортистките (61,9%) доживеале навредливи или понижувачки коментари, а значаен дел агресивно или застрашувачко викање (35,4%), а помал број закани и уцени, физичко малтретирање и онлајн вознемирување, што укажува на широка нормализација на психолошкото и вербалното насилство. 

Иако сексуалното вознемирување е пријавено поретко (7,1%), неговото присуство е значајно со оглед на возраста на дел од спортистките, како и на хиерархиската зависност во спортскиот контекст. 

Насилството најчесто потекнува од навивачи и од јавноста (53,3%), но и од лица внатре во спортската структура, како соиграчи/ки (39,8%) и тренери/ки (36,4%), што укажува на повеќеслојни ризици со кои спортистките се соочуваат во текот на натпреварите (88,2%), на тренинзите (31,2%) и патувањата (10,8%), но и на социјалните мрежи (21,5%). 

Само 13,4% од спортистките пријавиле искуство на вознемирување или насилство, а најчести причини за непријавување се перцепцијата дека случајот „не е сериозен“ (61,4%), неверувањето дека нешто ќе се промени (51,8%), недовербата во институциите (20,5%) и неинформираноста за постојните механизми (15,7%), што ја одразува ниската видливост и ограничената достапност и доверба во системите за поддршка. 

Охрабрувачки е што најголем дел од спортистките наведуваат дека искуството немало значајно влијание врз нивното понатамошно занимавање со спорт, но сепак значаен број претрпеле директни последици, како промена на клубот или тренерот (14,5%), пауза од тренинзите (11,5%) или повлекување од натпреварувањата (4,2%), што укажува дека ефектите на насилството не се занемарливи. 

Дополнително, високата застапеност на сведочења за насилство врз други спортистки (38,3%) и фактот дека речиси две третини од испитаничките (67,8%) не знаат дали нивниот клуб или федерација има назначено лице или механизам за заштита, укажуваат дека информираноста, транспарентноста и довербата во системот се значително ниски. 

Според интервјуата, психолошкото насилство е најчесто препознаено, но интервјуираните укажуваат и на случаи на сексуално вознемирување и насилство. Овие појави се вградени во изразените хиерархиски односи и организациска култура која ги нормализира навредите, притисокот и недоличното однесување, а недостигот од женско лидерство дополнително го засилува чувството на ранливост кај спортистките.

Тренингот, спортските објекти, јавниот простор и онлајн комуникацијата се издвојуваат како контексти каде насилството најчесто останува невидливо и непрепознаено. Повеќето интервјуирани укажуваат дека постојат значителни празнини во политиките и механизмите за заштита и пријавување, дека тие се ретко видливи или функционални и дека недовербата, стравот од последици и културата на молчење се главните причини што спортистките не пријавуваат.

Спортските федерации без реални механизми за заштита

Анкетата со спортските федерации, пак, покажува дека значителен дел од нив немаат воспоставено основни политики и механизми за заштита од вознемирување и насилство. Повеќе од половина федерации (56%) немаат усвоено официјална политика, протокол или кодекс на однесување за „безбеден спорт“ кој опфаќа и превенција и постапување при вознемирување или насилство врз спортисти/ ки, а само 28% имаат воспоставен механизам за заштита и пријавување, а кај уште толку механизмот е во подготовка. 

Дури и кај федерациите кои изјавиле дека имаат механизам, истиот најчесто се сведува на општ кодекс на однесување (6 федерации), додека само три имаат назначено лице за постапување по пријави.

Македонскиот Олимписки Комитет, во соработка со партнерите на проектот „Фер игра:Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, денеска ќе го презентира истражувањето „Родова еднаквост

Во последните пет години, 80% од федерациите не добиле или не биле информирани за пријави на вознемирување или насилство врз жени спортистки, што може да укажува на ниска стапка на пријавување, недостиг од препознавање или отсуство на функционални механизми за заштита. 

Речиси половина од федерациите (48%) организирале или учествувале во обуки за родова еднаквост или „безбеден спорт“, а овие активности значително почесто ги спроведуваат федерациите кои веќе имаат или воспоставуваат механизам за заштита, што укажува на врска помеѓу едукацијата и институционалната подготвеност. 

Прегледот на јавно достапните документи покажал дека од 11 федерации кои изјавиле дека имаат усвоени документи, кај 5 не билпронајден ниту еден јавно достапен документ, додека кај другите документите најчесто беа ограничени на дисциплински правилници, без јасни процедури за пријавување и заштита.

Преку мултисекторски пристап до превенција на насилството врз жени и девојки во спортот

Истражувањето покажува дека родово базираното насилство има голем број негативни последици врз физичкото и менталното здравје на жените и девојчињата, кои досегаат подалеку од моменталниот чин на насилство. Иако оваа тема е помалку истражена во спортскиот контекст, особено од аспект на возрасните жени, достапните истражувања покажуваат дека девојчињата кои доживеале насилство во спортот имаат сериозно нарушено здравје. Притоа, последиците се долготрајни и повеќеслојни и влијаат на психолошката благосостојба на спортистките, нивните спортски кариери и на пошироката спортска култура. На тој начин, насилството во спортот ја поткопува индивидуалната автономија, но и институционалниот интегритет, уништувајќи ја довербата и одржувајќи ја меѓугенерациската нееднаквост.

Авторите посочуваат дека справувањето со родово базираното насилство врз жените и девојките претставува сериозен општествен предизвик што бара континуирана, координирана и мултисекторска посветеност од страна на владите и сите релевантни чинители. Овие напори, според нив, мора да бидат насочени кон отстранување на структурните и културолошките причини за појавата на насилството, а не само кон неговите последици.

Врз основа на наодите, анализата предлага сет на препораки насочени кон спортските организации и креаторите на политики, со цел воспоставување системски и одржлив пристап кон превенција и справување со родово базираното насилство во спортот. Препораките се фокусираат на јакнење на капацитетите и свесноста, воспоставување јасни и доверливи механизми за заштита и пријавување, усогласување на спортската регулатива со националните и меѓународните стандарди, како и обезбедување институционална отчетност, мониторинг и систематско собирање податоци.

Покрај ова, жените, воедно се и „невидливи“ на раководните позиции во спортските организации. Иако родовата еднаквост е дел од стратегиите на мнозинството спортски организации, бројките покажуваат дека жените остануваат маргинализирани на раководните позиции. Истражувањето „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ открива дека само 13 проценти од претседателските позиции во спортските федерации ги заземаат жени, а квоти за родова застапеност постојат во едвај 13,3 отсто од организациите. Овој феномен го потврдуваат и авторките на истражувањето, кои го посочуваат недостигот на поддршка, културните бариери и институционалните пречки како клучни фактори што ги ограничуваат жените во спортскиот сектор. 

Анализата за застапеноста на жени на раководна позиција на МИА, можете да ја прочитате тука.

Фото:МИА архива