• Tuesday, 17 December 2024

Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата

Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата

Штип, 26 август 2023 (МИА) - Над 70 интервенции на отворено имаат штипските пожарникари по завршување на жетвата на пченицата и јачменот. Загрозени се шуми, но и села во штипскиот регион. Командирот на Територијалната противпожарна единица во Штип, Дарко Коцев за МИА вели дека секоја година се соочуваат со истата слика на терен. Несовесните земјоделци, иако и со закон е забрането, ги палат стрништата со цел да ги подготват нивите за есенска сеидба.

-Територијалната противпожарна единица, на територија на Општина Штип и Карбинци, има интервенирано над 70 пати на отворен простор, од кои 25 пати се на запалени стрништа и над 40 пати на сува трева, нискостеблеста шума, но и на квалитетна шума. Имавме и загрозени села, но по нашата брза и навремена интервенција спречивме да не бидат загрозени селата Драгоево и Судиќ, вели Коцев.

Освен битката со огнените јазици, пожарникарите мора да носат апарати и заштитна опрема кои тежат над 30 килограми.

Тој за МИА појаснува дека интервенциите на отворено можат да се траат и неколку часа, но и неколку дена во зависност, како што вели, од големината и површината што гори.

-Противпожарната единица секогаш оди со две возила и од осум до десет пожарникари, за да може брзо да се справи со огнените јазици, за да не дојде до пожар од поголеми размери, посочува Коцев.

Надлежните институции секоја година упатуваат апел до земјоделците да не ги палат стрништата по жетвата, но бројките и пожарите на отворено покажуваат дека не вродуваат со плод. Откако земјоделците ќе ги потпалат ожнеаните ниви, оставаат сами да догорат остатоците од жетвата, но ветерот знае да го распламти огнот, да зафати поголеми површини и да се уништат лозја, овоштарници, фарми, но и домови, фабрики и шума.

-Како и секоја година, и оваа година апелираме да не се пали оган на отворен простор и на необезбедни места да не се палат стрништа, отпад ....  И апелираме граѓаните доколку забележат пожар на отворен простор најбрзо што може да пријават на 193 или на 112, вели Коцев.

Во изминатите два месеца, според Коцев, штипските пожарникари успешно се справувале со пожарите на отворено. Минатата недела за првпат побарале помош од Центарот за управување со кризи за да се вклучи полицискиот хеликоптер во гаснењето на пожарот меѓу вештачкото езеро Мантово и регионалниот пат Штип-Радовиш кон месноста викана 20 километар.

Палењето на стрништата по жетвата на житните култури е речиси при крај, но пожарникарите од штипскиот и кочанскиот регион наесен ги чекаат палењето на стрништата по жетвата на оризот. Во октомври, ноември и декември секоја година гори кочанското и виничкото поле од палењето на оризовите стрништа и често се доведуваат во опасност и домовите во селата, а лани и Пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци во која се произведува и метан.

Земјоделците верни на старите навики, нудат решенија за безбедно палење на стрништата

Палењето на стрништата е стара, но и лоша навика, согласни се земјоделците и научната фела. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци Гоце Сарафимов за МИА вели дека подолго време имаат идеја како да ги палат стрништата затоа што земјоделците и оризопроизводителите од Брегалничкиот регион сметаат дека на тој начин ги заштитуваат своите култури од болести за наредната сезона.

- Идејата ја имаме одамна. Бараме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или преку другите служби да ни одобрат да ги палеме стрништата по жетвата на жито и ориз, но тоа да биде контролирано. Ние сакаме тоа да биде пријавено и контролирано, а за ангажирањето на противпожарните служба да се плати, вели Сарафимов.

Тој смета дека ова решение им оди во прилог на земјоделците, но и на сите институции кои по ваквите пожари излегуваат на терен и се справуваат со огнените јазици.

-На овој начин ќе се спасеме од некои болести кои се јавуваат на житата, еве годинава се појавија некои нови болести, вели Сарафимов.

Согласен е дека меѓу ставовите на земјоделците и научната фела има судир на оваа тема.

-Сметам дека науката треба да каже, но, ние мислеме дека штетата е поголема од болестите што се појавуваат на житните култури. Тие кажуваат само дека го уништуваме горниот слој на почвата, ние не знаеме дали е тоа така. Сметаме дека треба да се вклучат професори и да се направи испитување, вели Сарафимов.

Посочува дека сега на терен состојбите не се најдобри. Земјоделците ги палат стрништата и бегаат, бидејќи палењето е забрането со закон, а ако ги фатат на лице место, ќе си платат само парична казна, а штетата и трошокот што се прави со ангажирањето на пожарникарите и активирањето на хеликоптерите и „ер тракторите“, никој не ги пресметува како трошок што се прави на сметка на државиот буџет.

Сарафимов вели дека досега не слушнал некој да е фатен на лице место како пали стрниште.

Универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Љупчо Михајлов прашан за палењето на стрништата и колку земјоделците ги прифаќаат новите технологии, со став дека секогаш било проблем нивното прифаќање, но, како што вели, не без причина.

-Една од причините е што не поседуваат соодветна приклучна механизација, соодветна влечна механизација и трактори, недоволно ги имаат, бидејќи пред се се скапи и за да се примени некоја нова технологија потребна е и специфична опрема за таа работа, што за жал голем дел од земјоделците ја немаат, вели Михајлов.

Ако земјоделците би имале комбајни со сецкалици, кои ќе ја ситнат пожетвената маса од сламата кај житата, вели Михајлов, нема да има никаков проблем тие да ја заораат и да добијат бесплатна органска материја, односно бесплатно подобрување на органска материја, бесплатно ѓубрење  во почвата.

- Немаат друг избор освен да ја палат таа слама, бидејќи ако не ја запалат таа ќе им смета во основната и дополнителната обработка во почвата, кога ги подготвуваат површините за сеидба, појаснува професорот Михајлов.

Постојат решенија и идеи за стрништата, но во моментот од нивното неконтролирано палење се активираат пожари што, пак, од друга страна троши ресурси и опрема пред се кај противпожарните служби, како и кај Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерстата за внатрешни работи и одбрана.

Викторија Димитрова-Јованова

 Фото: МИА