• Wednesday, 17 July 2024

Шесто издание на Маратонот на комедијата од 21 јули до 13 август во Охрид

Шесто издание на Маратонот на комедијата од 21 јули до 13 август во Охрид

Охрид, 16 јули 2024 (МИА) – Деветнаесет настани, хумористични содржини различни по форма и концепција, ќе бидат на понудата на Шестото по ред издание на Фестивалот на комедијата „Summer comedy marathon“ што од 21 јули до 13 август ќе се одржува во Охрид.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, радува податокот што сцената за таков тип настани расте и се развива, со повеќе настани и со нови комичари, со нови сценарија и освежен материјал...

- Оваа година нудиме 19 шоуа, фестивалот го отвораме со култното шоу „импровокација“, ретко шоу од таков на домашната сцена, каде се работи за театарска импровизација што се случува во моментот, со активна партиципација на публиката. Би ги издвоил настапите на нашите драги пријатели и гости Атанас и Тино, тројца учесници од Србија и еден гостин од Грција. Неколку од шоута ќе бидат изведувани на англиски јазик, најави актерот и стенд-ап комичарот Никола Тодороски.

Комичарот Никола Силјаноски Братучед ја најави содржината „Отворен микрофон“, со можност за активно учество на секој што смета дека има добар материјал и потенцијал за стенд-ап настап.

- Еден ден од маратонот е резервиран за секој што има личен материјал, перспектива, амбиција и желба, може да се птријави на нашата страница. Тоа е обид да се освежи сцената, исто како што почнавме и ние пред шест години, помладата екипа тука. Пишуваш материјал, полека го градиш се полираш во една шега со сите елементи, рече Силјаноски, повикувајќи ги на учество сите оние што имаат што да кажат на сцената.

Инаку, за затворањето на фестивалот е предвидено шоуто на веќе етаблираното кабаре „2Mothers Brothers “ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски што оваа година го одбележува десетгодишниот јубилеј.

Билетите за настаните можат да се обезбедат онлајн на интернет-страницата www.hahaha.mk . За сите содржини на маратонот на комедијата резервирани се сцените на Центарот за култура во Охрид и Долни Сарај, како и во познатите кафулиња „Џез ин“ и „Куба Либре“. аб/дма/

фото: МИА