Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ доби средства за 21 проект од Министерството за култура и туризам
- Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Министерство за култура и туризам доби финансиска поддршка за реализација на 21 проект во вкупен износ од 5.515.000 денари, информираа денеска од установата.
Куманово, 27 февруари 2026 (МИА) - Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Министерство за култура и туризам доби финансиска поддршка за реализација на 21 проект во вкупен износ од 5.515.000 денари, информираа денеска од установата.
Од Центарот изразуваат задоволство од бројот на одобрени проекти, иако дел од апликациите не биле прифатени. Сепак, најавуваат дека ќе се обидат и одбиените проекти да ги реализираат со сопствени средства.
-За нашиот Центар одобрени се вкупно 21 проекти со сума 5.515.000 денари. Од областа на драмската дејност одобрени се вкупно пет проекта за што се одвоени 4, 2 милиони денари за претставите од македонска драма „Смрт на погребот“ во режија на Ненад Витанов и „Чичко кuмплуг“ според пиесата „Прирачник за самоуништување во режија на Јани Бојаџи и од албанската драма претставите „Амбасадор“ во режија на Андреј Цветковски и „Не се работи за славејчињата“ во режија на Ќендрим Ријани. Покрај претставите, одвоени се финансии и за 29-то издание на МТФ Денови на комедија 2026 година-изјави Дени Синадиновски од Центарот за култура Куманово.

Од областа на фолклорната дејност, Министерството одобрило 230.000 денари за три проекти, меѓу нив „Семинарот за традиционална музика и игра“. Четири прокети ќе реализира Центарот од музичката и музичко-сценската дејност за 300.000 денари. Од областа на литературата и издавачката дејност одобрени се два проекта за што се одвоени 400.000 денари, меѓу нив и Меѓународниот фестивал на прозата. Седум проекти ќе се изработат од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн за 385.000 денари.
- Да не ја заборавиме и поддршката од Општина Куманово, која за годишната програма за дејностите, одобри 570.000 денари-изјави Синадиновски.
Од Центарот потсетуваат дека последната недела од месецот е посветена на драмската дејност, при што беше изведена претставата „Сакатиот од Инишман“. Во првата недела од март ќе биде одиграна претставата „Црвенкапа“ наменета за најмладата публика, по што следуваат два настана по повод Денот на жената – изложбата „Жените и фотографијата“ и настап на ДМФА „Срма“. ам/дма/
Фото: МИА