• Wednesday, 15 January 2025

Фронтекс: Во 2024 година регистрирани најмалку нерегуларни влезови во ЕУ од 2021 година

Фронтекс: Во 2024 година регистрирани најмалку нерегуларни влезови во ЕУ од 2021 година

Варшава, 14 јануари 2025 (МИА) – Бројот на нерегуларни влезови во Европската унија (ЕУ) во 2024 година е најмал од 2021 година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс.

- Новите прелиминарни податоци од Фронтекс покажуваат значителен пад од 38 отсто на нерегуларните гранични премини на ЕУ во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, кога миграцијата сè уште беше погодена од пандемијата на Ковид, соопшти Фронтекс.

Како што додава Фронтекс на својата веб-страница, и покрај постојаните миграциски притисоци, зголемената соработка меѓу ЕУ и партнерите против шверцерските мрежи значително го намали бројот на премини на европските надворешни граници, со нешто повеќе од 239.000 регистрирани минатата година.

Намалувањето на вкупниот број премини е главно резултат на 78 отсто пад на пристигнувањата на рутата на Западен Балкан (21.520) по силните напори на регионалните земји да го запрат приливот и падот за 59 отсто (66.766) на премините преку централната медитеранска рута.

На сите рути не се забележани исти трендови.

На рутата на источниот Медитеран, бројот на премини се зголеми за 14 отсто на 69.400, поттикнати од новите коридори од источна Либија, со мигранти главно од Сирија, Авганистан и Египет.

На западноафриканската рута, пристигнувањата на Канарските острови се зголемија за 18 отсто на речиси 47.000, што е највисока бројка откако Фронтекс почна да собира податоци во 2009 година. Ова беше поттикнато од тргнувањата од Мавританија, иако приливите од другите појдовни точки се намалија.

Трикратно зголемување на премините (192 отсто) е регистрирано на источната гранична рута, главно долж границата со Украина и Белорусија.

Бројот на обиди за преминување во Велика Британија преку Ла Манш е малку зголемен, со 67.552 евидентирани обиди, што е зголемување од девет проценти во споредба со 2023 година.

Иако бројките за илегална миграција за 2024 година одразуваат напредок, предизвиците остануваат, се вели во соопштението на Фронтекс.

„Шверцерските мрежи се приспособуваат на новите околности и миграциските текови може брзо да се променат. Властите пријавија зголемено насилство од страна на шверцерите долж западнобалканската рута, а зголемената нестабилност во регионите како што е Сахел продолжува да ја поттикнува миграцијата кон Европа“, се вели во соопштението.

Морските премини, често организирани од мрежи на организиран криминал, продолжуваат да претставуваат екстремна опасност за мигрантите, при што Меѓународната организација за миграција проценува дека 2.300 луѓе ги загубиле животите на море само во 2024 година, нагласувајќи ги трагичните последици по човечките животи на овие опасни патувања. јт/

Фото: МИА архива