ТППЕ Куманово, лани со 665 интервенции, најмногу на отворен простор
- ТППЕ Куманово регистрира 665 интеревнции лани, повеќе од половина на отворен простор. Службата доби донација од три возила, со што ги зајакна капацитетите за справување со пожари.
Куманово, 6 февруари 2026 (МИА) Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово успешно ја заврши 2025 година со значително зголемен обем на работа, но и со позитивна оценка за ефикасноста и подготвеноста на екипите на терен, информираа денеска од тертиторијалната противпожарна единица. Според податоците на службата, во текот на изминатата година биле реализирани вкупно 665 интервенции, што е за околу 120 повеќе во споредба со 2024 година. Најголем дел од интервенциите, околу 370, се однесувале на пожари на отворен простор. Дополнително, регистрирани се 25 интервенции на сообраќајни средства, 14 пожари на објекти, како и 41 техничка интервенција.

-Најинтензивен беше месецот јули, кога ТППЕ Куманово интервенираше 140 пати само во еден месец, претежно на пожари на отворен простор. Дел од тие пожари, особено во руралните средини, траеа по неколку дена и бараа ангажман на сите расположливи капацитети, изјави заменик-командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.

На еден од пожарите во село Бељаковце поради силен ветер и неповолни временски услови, гаснењето траело два до три дена. Во интервенцијата, покрај кумановската противпожарна единица, била вклучена и меѓуопштинска соработка со екипи од Старо Нагоричане и Ранковце, по што пожарот бил целосно локализиран. Од службата потенцираат дека палењето стрништа останува еден од најголемите предизвици. Во месеците јуни, јули и август ваквите пожари зафаќаат големи површини, нанесуваат штета на животната средина и бараат дополнителен ангажман на луѓе и возила.

-На дел од интервенциите не можеме да одговориме само со една екипа и едно возило, па мораме да испраќаме дополнителни ресурси. И покрај тоа, сите пожари во 2025 година беа успешно изгаснати, изјави Станковски.
Кумановската противпожарна единица редовно интервенира и надвор од територијата на општината. Општина Липково нема своја пожарна единица, па секоја интервенција таму ја покрива ТППЕ Куманово. Слична е состојбата и со Општина Старо Нагоричане, каде екипите од Куманово излегуваат по барање за помош. Изминатата 2025 година, сепак, се оценува како позитивна во однос на опремувањето и меѓународната соработка. ТППЕ Куманово доби три противпожарни возила донација од Република Австрија, поточно од покраината Тирол, а дел од пожарникарите поминаа и специјализирана обука таму.
-Австрија е значително понапред од нас. Располага со современи возила од 2022 и 2023 година и силно развиен систем на доброволни пожарникари. Тоа е модел од кој имаме што да научиме, посочи Станковски.
Во таа насока, за 2026 година е планирано формирање на две доброволни противпожарни друштва, кои ќе располагаат со сопствени гаражи. Тие би реагирале први на терен, со што би се скратило времето на пристигнување до пожарите, а професионалната единица би се вклучувала по потреба. ам/вј/
Фото: ТППЕ Куманово