• Friday, 06 February 2026

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи со цел подобар живот за сите граѓани

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи со цел подобар живот за сите граѓани

Скопје, 6 февруари 2026 (МИА) - Драган Ковачки е новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а избрани се и членови на Извршниот комитет на партијата, соопшти по завршувањето на седницата на Централниот комитет на партијата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи со цел подобар живот за сите граѓани.

-Денеска заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата. Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, којшто претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека одлуките донесени на седницата на ЦК на партијата се јасен показател дека партијата се менува, и се прилагодува на новите предизвици.

- Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните. Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството. Воедно најавувам дека во периодот којшто следи ќе имаме избор на претседатели на партиските општински комитети, како и избор на нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани. Овие процеси ќе се водат инклузивно, со јасна визија за иднината и со фокус на квалитет, одговорност и резултати, нагласи Мицкоски.

За членови на Извршниот комитет на партијата се избрани Александар Николоски, кој моментално е потпретседател на Владата и министер за транспорт, Владо Мисајловски, којшто во моментот ја извршува функцијата министер за одбрана, Гордана Димитриеска-Кочоска, којашто во моментот е министер за финансии, Тимчо Муцунски, кој што во моментот е министер за надворешни работи и надворешна трговија, Ѓорѓија Сајкоски, досегашен генерален секретар на партијата и  актуелен пратеник, Никола Мицевски, кој што е моментално координатор на пратеничката група, Луке Галески, кој што е дел од кабинетот на Владата и шеф на Центарот за комуникации и при Владата и во ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот на македонското Собрание Антонијо Милошоски, пратеничките Ели Панова, Дафина Стојаноска и Рашела Мизрахи и Драгана Бојковска, Националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, потоа Марија Андоновска која што е директор во Институтот за јавно здравје, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, портпаролот на Владата, Марија Митева, Благоја Ташаминов, дел од владиниот кабинет и претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, директорот на болицата 8 Септември, Синиша Стојаноски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, носителот на листа на последните локални избори во град Битола, Филип Поповски, како и директорот на Царина, Бобан Николовски. 

-Ним ќе им се приклучат, според Статут и функција, новите претседатели на Унијата на жени и Унијата на млади сили и Унијата на ветерани. За организационен секретар е избран Ивица Томовски, досегашен и иден директор на Централниот штаб. А, за шеф на мојот кабинет и шеф на мојот владин кабинет, Владимир Нелоски којшто продолжува да биде и шеф на кабинет во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Во услови, нагласи тој,  кога имаме опозицијата којашто не нуди решенија и којашто е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани.

Тој во одговор на новинарско прашање истакна дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а оти во мај или најдоцна до јуни, како што најави и пред одржувањето на партискиот конгрес, би можело да има и реконструкција на Владата. сст/дма/

фото МИА