• Thursday, 26 December 2024

Тошковски: Безбедносната состојба не е нарушена пред седницата на Уставниот суд

Тошковски: Безбедносната состојба не е нарушена пред седницата на Уставниот суд

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека безбедносната состојба не е нарушена во врска со најавите на ДУИ дека укинувањето на која било одредба од Законот за употреба на јазиците, кој е на дневен ред на седницата на Уставен суд закажана за в среда, ќе биде директен удар врз стабилноста и мирот на Северна Македонија.

Во вечерашното гостување на Сител телевизија, тој истакна дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ги има потребните капацитети и ќе одговори на сите предизвици како и претходно.

-Сметаме дека безбедносната состојба не е нарушена. И во минатото говоревме дека постојат обиди за дестабилизација. Да, факт е дека на одредени злонамерници не им одговара тоа да имаме една демократска земја во која што ќе владее законот и правото и тоа токму се гледа и преку овие нивни дејствија, изјави Тошковски. 

Тој додаде дека барањето на ДУИ директно се меша во работата и надлежноста на Уставниот суд. 

-Сметам дека Уставниот суд треба да си донесе одлука согласно Устав и закон. Тоа е негова работа да одлучи дали одреден закон или одредена одредба е во согласност со уставните одредби. Сите политички субјекти и останати фактори во општеството ќе треба да ја почитуваат одлуката која што ќе ја донесе Уставниот суд без оглед во која насока ќе биде истата, додаде тој. 

Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за неажурност на Обвинителството, Тошковски одговори дека се легитимни, имајќи предвид дека македонскиот народ, како што рече, „е желен за правда“.  

-Легитимно е претседател на Влада да каже став за нешто што го констатирал како фактичка состојба. Легитимно е македонскиот народ да се надева, да посакува и да е желен за правда, рече министерот. 

Тошковски, исто така, истакна дека соработката со Обвинителството е одлична во однос на предмети кои се однесуваат на потенцијален криминал каде што нема високо профилирани случаи, но во однос на останатите не е на задоволително ниво. 

-Се надевам дека во иднина тие ќе бидат тие што ќе му овозможат на македонскиот народ и граѓанин да види правда каква што заслужува, заради тоа што само така можеме да дојдеме до нормална држава која што сите ја посакуваме, додаде министерот.

Во однос на инцидентите со сквернавење на национални симболи на Денот на албанското знаме, тој посочи дека имало информации од Агенцијата за национална безбедност дека ќе има немири, а во однос на наводите на Коалицијата „Влен“ дека висок функционер на ДУИ бил вклучен во организирање на настаните, министерот рече дека има оперативни информации дека поранешен градоначалник од редовите на ДУИ директно бил вклучен во организирање на настаните на Денот на албанското знаме.

За најавената интерпелација од страна на ДУИ, односно на прашањето кога очекува таа да се најде на дневен ред, министерот за внатрешни работи посочи дека тоа е работа на Собранието. 

-Тоа е работа на Собранието, ова е демократски механизам кој имаат право да го активираат. За жал, за нив, нивните аргументи се неиздржани, контрадикторни сами на себе, рече тој. 

Во врска со барањето за лидерска средба на СДСМ, тој одговори дека ставовите и барањата на СДСМ, како што рече, „секогаш се интересни“. 

-Пет месеци повикуваа на оставка од мене, сега гледам решиле да бидат на страната на вистината и доброто на Македонија па не ја подржаа интерпелацијата, затоа што ценам дека нема аргументи за истата. Тоа е контрадикторно едно на друго, но, и тие имаат право на свое мислење. Од аспект на нивните барања дека тие ценат дека има потреба да има лидерска средба мислам дека претседателот на Владата засега цени дека не треба да има лидерска средба за овие прашања, а понатаму остануваат вратите отворени, да се седне и да се разговара во иднина, рече министерот.

Посочи дека имаат индиции за криминали, како што посочи, „од епски размери“.

-Кога говорам за епски, говорам за криминал што е на штета на буџетот на македонските граѓани со многу цифри, во евра, рече тој. ар/нд/

Фото: МИА архива