• Tuesday, 11 March 2025

Струмичките и радовишките пожарникари вчера изгаснаа 12 пожари на отворено

Струмичките и радовишките пожарникари вчера изгаснаа 12 пожари на отворено

Струмица/Радовиш, 11 март 2025 (МИА) - Во текот на вчерашниот ден Територијалните против пожарни единици на Струмица и Радовиш изгаснаа 12 пожари на отворено. Сите биле на отворен простор каде горела сува трева, стрништа, диви депонии и ниска дабова шума.

Во информациите од двете против пожарни единици се нагласува дека речиси сите пожари биле поредизвикани од човечки фактор.

Заради големата фреквенција на пожари биле мобилизирани 25 пожарникари и седум против пожарни возила од ТППЕ Струмица, а пожарите биле во атарите на селата Раборци, Просениково, Банско, Добрејци, Ангелци и Градско Балдовци.

Во Радовиш пожари имало во атарите на селата Воиславци, Калугерица, Ињево, Сулдурци и на планината Плачковица.

Пожарникарите апелираат до сите кои деновиве од најразлични причини ќе се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Истото се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба, кои ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, а огнот без контрола брзо се шири, особено кога времето е потопло и ветровито. Со затоплувањето на времето во регионот ќе се интензивираат земјоделските активности на нивите. Предизвикувањето пожар, намерно или од човечко невнимание, претставува и кривично дело за кое се предвидени ригорозни законски санкции, парични и затворски казни до 10 години, зависно од крајните еколошки и други последици, се наведува во информацијата на струмичките и радовишките пожарникари.рт/са/

Фото: ТППЕ Струмица