• Wednesday, 15 April 2026

Стартува наводнувањето во Кочанско, вода за над 7.000 хектари земјоделски површини

Стартува наводнувањето во Кочанско, вода за над 7.000 хектари земјоделски површини

Кочани, 14 април 2026 (МИА) - Од утре (15 април) официјално започнува наводнителната сезона во Кочанско, со почеток на испораката на вода за земјоделските површини.

Директорот на  АД Водостопанство  – Подружница „Брегалница“ - Кочани, Горан Зашов,  информира дека активностите ќе се одвиваат според утврден месечен план.

Според најавата, утре ќе се изврши зафаќање на бентот на Оризарска Река, додека на 17 април ќе започне пуштањето на вода во главниот канал 5.

Понатаму, на 20 месецов повторно е предвидено зафаќање на бентот на Оризарска Река, на локацијата кај „Рокево“.

Интензивирање на испораката следува на 27 април, кога ќе се пушти вода од гумената преграда во Чифлик, како и во Чешиновскиот и Орманскиот јаз, и во главните канали 6, 7 и 8.

Во почетокот на мај, односно на 3 следниот месец ќе биде активирана „Мерата Мојанска“, а на 4 ќе се пушти вода и во испустот „Трњак“, како и во главните канали 9, 10 и 11, најави директорот на кочанската подружница на АД „Водостопанство", Горан Зашов.

Од претпријатието апелираат до земјоделците навремено да се подготват и да го следат распоредот, со цел ефикасно и рационално користење на водата за наводнување.

Инаку, според планот за наводнување, предвидени се вкупно 4.200 хектари под ориз - 3.600 во регионот на Кочани и 600 хектари во Светиниколско.

Освен површините под ориз, од ХМС „Брегалница“ вода ќе добијат уште 3.000 хектари други култури како што се: пченка, луцерка, лозови насади при што таму наводнителната сезона се очекува да започне на 1 јуни. ис/дма/

Фото: МИА