Средношколци од Кратово преку регионален проект градат мир и културна размена со врсници од Црна Гора
- Во рамки на проектот „Од приказни до решенија“, поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), средношколци од СОУ „Митко Пенџуклиски“ од Кратово и СМУ „25 Мај“ од Тузи, Црна Гора, реализираат заеднички активности насочени кон градење мир и унапредување на културната размена на територијата на Западен Балкан.
Кратово, 8 февруари 2026 (МИА) – Во рамки на проектот „Од приказни до решенија“, поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), средношколци од СОУ „Митко Пенџуклиски“ од Кратово и СМУ „25 Мај“ од Тузи, Црна Гора, реализираат заеднички активности насочени кон градење мир и унапредување на културната размена на територијата на Западен Балкан.
Како што информира директорката на СОУ „Митко Пенџуклиски“, Драгана Андреева-Јакимова, училиштето по вторпат е меѓу 100-те „суперучилишта“ на Западен Балкан, избрани во рамки на програмата за ученичка размена на RYCO. Првата размена била реализирана во јануари, додека деновиве кратовското училиште е домаќин на учениците од Тузи во рамки на втората размена.
Во текот на активностите учениците работеле на темата „Градење мир“ со фокус на Западен Балкан, преку интерактивни игри и работилници како „Топчето на мирот“, „Мировно бинго“, „Дрвото на мирот“ и „Кулите на мирот“, насочени кон развивање на соработка, комуникација и меѓусебно почитување. Преку алатката „сторителинг“, младите на креативен начин креирале визии и приказни за иднината на регионот.
Посочи дека во текот на петте дена размена учениците меѓу низата активности ја спровеле и „Сподели баклава, сподели мир“ - гастрономска работилница со различни видови баклави што се подготвуваат на Западен Балкан, гастрономско наследство кое сите го споделуваме и можеби,рече, преставува вкус на мирот. Баклавата била споделена со локалната заедница на плоштадот во Кратово споделувајќи ја идејата за мир.
Креатори и координатори на проектот од СОУ „М.Пенџуклиски“ се професорите Младен Мицевски и Татјана Иванова Симонов, кои во рамки на истиот спроведоа „Мировна прошетка“ низ културниот диверзитет на Кратово,а учесниците споделиле мировна порака инспирирани од богатата култура и историја на Кратово во која се испреплетуваат повеќе нации, религии и културни обележја.
-На завршниот настан ги претставивме резултатите од нашата работа во текот на двете размени. Изложбата на сликите, постерите и дигиталните содржини го потврдија процесот на градење мир на Западен Балкан. Како вистински професионалци нашите учесници целосно го организираа и реализираа овој настан презентирајќи ги своите дела пред присутните. Беше одржана и панел-дискусија со наставници координатори и ученици од двете училишта, претставници од невладиниот сектор и локалната самоуправа на Кратово. Се дискутираше за процесот на градење мир на Западен Балкан, огромното значење на вакви проекти за младите и за нивните идни делувања во локалната заедница, како и зареволуционерните промени што ги прават во општеството наставниците - координатори на вакви иницијативи, додаде Андреева –Јакимова.
Нагласи дека на покана на Европската куќа Крива Паланка реализирани се и четири едукативни работилници спроведени од експерти, учесниците ги посетиле манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ и локалитетот „Камени кукли“. ид/дма/
Фото: СОУ „Митко Пенџуклиски“ од Кратово