• Friday, 04 October 2024

Средба на министерот Муртезани со францускиот амбасадор Ле Риголер

Средба на министерот Муртезани со францускиот амбасадор Ле Риголер

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Повеќе аспекти на билатералната соработка, со акцент на развојните проекти, европските интеграции и инструментите за поддршка на реформските процеси биле разгледани на денешната средба меѓу министерот за европски прашања Орхан Муртезани и новименуваниот амбасадор на Франција во Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, Муртезани потврдил дека земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата и спорведување на сите неопходни реформи, особено во областите на владеење на правото, реформите на правосудниот сектор, борбата против корупцијата и организираниот криминал итн. „особенo ако се има предвид фактот дека согласно новата методолгија за пристапни преговори напредокот во овие реформи ќе ја диктира динамиката на целиот преговорачки процес“.

-На средбата беше потврдена силната поддршка од Франција за евроинтеграциските напори на Северна Македонија, особено преку програмите за билатерална соработка и развојни проекти. Министерот Муртезани посочи дека Француската агенција за развој (AFD), веќе присутна во земјата, игра клучна улога во поддршката на приоритетни инвестиции, особено во склоп нa Инвестициската рамка и Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, кој го отвора патот за нови инфраструктурни и енергетски проекти. Двете страни изразија надеж за продлабочување на билатералната развојна соработка по потпишувањето и ратификувањето на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Француската Република за основање Француската развојна агенција, PROPARKO и Expertise France во земјата. Оваа спогодба отвора нови можности за заеднички проекти и дополнителна техничка поддршка во рамките на националните развојни приоритети, се наведува во соопштението. 

Во однос на програмите за техничка поддршка, Муртезани и Ле Риголер се согласиле за продолжување на соработката преку ИПА-инструментите, како што се TAIEX и TWINNING-проектите.

-Во тој контекст, министерот Муртезани изрази благодарност за активната француска помош, како водечки партнер во неколку проекти поврзани со реформите на јавната администрација, зајакнувањето на демократијата и заштитата на основните права, како и развојот на образовни програми за возрасни. Тој оцени дека е особено значајно учеството на Франција во трите тековни TWINNING-проекти во Северна Македонија, каде што ја демонстрира својата стручност и посветеност за успешно спроведување на реформите, информира Министерството за европски прашања. 

Муртезани и Ле Риголер разговарале и за вклучувањето на Северна Македонија како дел од географските приоритети на Франција во рамките на нејзината Евроазиска регионална стратегија 2020-2024, која се фокусира на приоритети како отпорност и урбана адаптација, поддршка на енергетската транзиција, како и создавање одржливи и инклузивни економски и политички модели. хс/нд/

Фото: Министерство за европски прашања