• Saturday, 28 December 2024

Специјалниот суд на 3 јануари ќе одлучува дали Бериша ќе се врати во "куќен притвор" 

Специјалниот суд на 3 јануари ќе одлучува дали Бериша ќе се врати во

Тирана, 27 декември 2024 (МИА) - Специјалниот суд против организиран криминал и корупција објави дека во новата година ќе почне со работа на 3 јануари и тоа со случајот на лидерот на Демократската партија (ДП), Сали Бериша.

Всушност судот ќе расправа по жалбата на Специјалното обвинителство, СПАК на одлуката на судот и барањето да се врати мерката „куќен притвор“ на лидерот на Демократската партија.

Судот мерката му ја укина на 27 минатиот месец, по што тој веднаш присуствуваше на пленарна седница на парламентот, како пратеник, како и на протестот на опозицијата со блокирање на улици во Тирана.

Бериша (80) , кој е поранешен шеф на Албанија и екс премиер,  во куќен притвор беше од 30 декември минатата година, откако во континуитет одбиваше да ја спроведе првата мерка што судот ја донесе против него, во септември,  а тоа е обврската двапати месечно да се јавува како лице обвинето за пасивна корупција.

Според СПАК, Бериша, користејќи го неговото влијание во првиот мандат како премиер помеѓу 2005-2009 година му помогнал на неговиот зет за ќерка Џамарбер Малтези, да добие договор за профитабилна градба. Имено, тој со низа дејствија го отворил патот за приватизација на поранешниот спортски комплекс „Партизан“, по што следела изградбата на 19 кули, каде што корисник е  Малтези  кој незаконски се здобил со над 5 милиони евра.

Бериша,  ги негира обвиненијата и вели дека тие се дел од политичката одмазда против него од страна на премиерот Еди Рама.

Бериша беше претседател на Албанија од 1992 до 1997 година, веднаш по падот на комунизмот во Албанија, а потоа беше премиер од 2005 до 2013 година.

САД во мај 2021 година го прогласија за непожелна личност поради висока корупција,  а во јули истата година тоа го стори и Велика Британија. вт/

Фото: ДП