• Saturday, 19 October 2024

Специјалниот суд го закажа за 24 октомври прелиминарното рочиште против Сали Бериша

Специјалниот суд го закажа за 24 октомври прелиминарното рочиште против Сали Бериша

Тирана, 18 октомври 2024 (МИА) - Специјалниот суд против организиран криминал и корупција за 24 октомври го закажа прелиминарното рочиште за досието „Партизан“.

-Пред три дена Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, го достави ова досие во кое обвинети се Сали Бериша, Џамарбер Малтези, Фатмир Бекташи, Џими Бегеј, Андина Пустина, Студио „Пустина“ компаниите „Хомеплан“ и „Контакт“, објавија медиумите.

Предметот е кај судијката Флојера Давиди, која треба да донесе одлука дали случајот ќе биде испратен на судење, може да го врати на дозавршување на истрагите или да го отфрли случајот.

-Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша се товари за кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка, за што може да добие казна затвор во траење од осум години. Неговиот зет за ќерка, Џамарбер Малтези, нерегуларно стекнал корист од околу 5,4 милиони евра, приход од градежен бизнис, наведуваат медиумите.

Тој го приватизирал спортскиот комплекс „Партизан“ во центарот на Тирана, благодарение на одлуките на владата чиј премиер тогаш бил Бериша, по што изградил неколку повеќекатници.

Бериша, кој деновиве наполни 80 години и тврди дека е невин, е во домашен притвор од 30 декември минатата година. На последните парламентарни избори, во 2021 година, беше избран за пратеник, но парламентот по барање на СПАК му го одзеде пратеничкиот имунитет.

Американскиот Стејт департмент го стави Бериша на списокот со санкции уште во мај 2021 година поради сомневање за корупција, а во јули истата година, и Велика Британија. Тој тогаш обвини дека и двете одлуки се плод на „обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилијардерот Џорџ Сорос“. вт/мс/

You May Also Like