• Monday, 01 July 2024

Села: Изразуваме револт што ова мнозинство го почнува првиот ден со обид за да се спречи слободниот говор

Села: Изразуваме револт што ова мнозинство го почнува првиот ден со обид за да се спречи слободниот говор

Скопје, 23 јуни 2024 (МИА) - Напуштањето на седницата за избор на влада е во знак на револт поради кратењето на листата на пријавени за дискусија, изјави на прес-конференцијата во Собранието пратеникот од коалицијата на Европскиот фронт Зијадин Села образложувајќи ја одлуката да ја напуштат седницата и да не учествуваат во гласањето за новата влада.

-Европскиот фронт нема да учествува во гласање на една власт, на ова мнозинство кое е потполно делегитимирано кај албанското гласачко тело и другите етнички заедници тука во Северна Македонија. Изразуваме револт што ова мнозинство го почнува првиот ден со обид за да се спречи слободниот говор и изразување на пратеник, на пратеници. Иако, беше договорено да се консумира целата листа кои се пријавени за збор, во последен момент интервенираа преку реплики по ист терк како и во 2017 година кога оневозможуваа да се случи промената на мирен и демократски начин. Истата таа стартегија денеска после осум часот ја воспостави ВМРО-ДПМНЕ  заедно со нивните вазали, пратениците од Влен. На говор на еден пратеник, иако овие два дена немаше повеќе од 2-3 реплики, се пријавија 43 реплики. Ако вака мислат дека ќе оневозможат и мене лично или кој било друг пратеник на Европскиот фронт да си кажат тоа што е вистина, нема да успеат, само ќе ни дадат уште повече енергија да бидеме уште повеќе гласни, рече Села придружуван од целата пратеничка група.

Легитимитетот кој тие го добиле од граѓаните, додаде Села, ќе го бранат, наведувајќи дека тој е и нумерички, но и програмски.

-Првиот легимтимитет нумерички е на Европскиот фронт - над 30 000 гласови повеќе од Коалицијата Влен. Исто и со пратеници 18 со 14 иако во оваа 14-ка имаше изборен инженеринг. Легимитимитетот е и програмски. Денот кога не се држиш кон главните начела на своите ветувања тој ден го губиш легитимитетот, рече Села наведувајќи меѓу другото дека во програмата на Мицкоски никаде не постои ниту збор ниту реченица од програмата на Влен, нема рок за европските интеграции, а за меѓуетничките односи има два -три збора.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со Програмата сакаат да покажат супремација над сите други етнички заедници.

-Реалноста во Македонија е дека над 54 отсто се Македонци, над 30 отсто се Албанци а заедно со сите други етнички заедници се 46 осто од вкупното население и Македонија мора да води политики врз база на оваа демографска реалност, рече Села. 

Новата Влада, предводена од Христијан Мицкоски, вечерва беше избрана со 77 гласа „за“ и 22 против, без ниту еден воздржан. вг/дма/

Фото: МИА