• Thursday, 09 January 2025

СДСМ нема добиено одговор од партиите за понудената државна стратегија

СДСМ нема добиено одговор од партиите за понудената државна стратегија

Скопје, 8 јануари 2025 (МИА) - СДСМ не добила конкретен одговор од парламентарните политички партии за натпартиската државна стратегија за долгорочен развој што пред новогодишните празници на прес-конференција ја соопшти лидерот на партијата Венко Филипче. 

- Чекаме одговор затоа што конкретен одговор на конкретниот предлог што го изнесовме не добивме, изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата. 

Кузеска рече дека во изминатите шест месеци имало понуди за повеќе национални платформи, декларации и повици за обединување и повтори оти жално е да се гледа како партиите од власта го користат терминот за обединување за политичка поделба.

- Но, бидејќи СДСМ како што кажав не била и нема да биде неконструктивна опозиција, претседателот на партијата Филипче и на последната прес-конференција изнесе реална понуда, а не лажна, која што би служела за поделби. Понудивме формирање тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на платформа за да се дефинираат стратешките позиции во сите области, платформа која ќе биде надпартиска, наднационална и надетничка. Со тоа ќе може да се создаде платформа во која сите партии ќе имаат придонес и секако дека никој нема да ја поседува таа платформа. И дефинитивно тоа според нас е рецепт за вистинско обединување. Не слушмавме одговор за оваа наша понуда, а граѓаните токму тоа го бараат од политичарите. Се друго сметаме дека е една дневна манипулација, рече портпаролката на СДСМ.  ев/бак/

Фото: МИА Архива